• недела, 22 декември 2024

Битиќи на средба со странските инвеститори: Системски ја засилуваме предвидливоста за нови инвестиции

Битиќи на средба со странските инвеститори: Системски ја засилуваме предвидливоста за нови инвестиции

Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска одржа работен состанок со претставници на повеќе од 30 странски компании членови на Советот за странски инвестиции при Стопанската комора на Северна Македонија.

На состанокот кој се одржа во компанијата „Амфенол“, во Кочани, се дискутираше за повеќе актуелни економски прашања и владини политики кои директно влијаат на работата на странските компании во земјава.

Вицепремиерот Битиќи нагласи дека Владата покажува инклузивност и конзистентност во креирањето на економски стратегии и политики кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на економијата и создавање на цврсти основи за нејзин одржлив раст и развој, процес во кој неизоставен дел се и странските компании.

Зборувајќи за унифицираноста на политиките за финансиска поддршка на нови инвестиции, вицепремиерот Битиќи пред претставниците на странските инвеститори најави нивно дополнително системско зацврстување преку измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

-Она што успеавме да го изградиме, да ви овозможиме One stop shop за вашите инвестиции согласно Законот за финансика поддршка на инвестициите и да добиете 100 отсто исплата, од наредната година системски ќе биде втемелено. Подготвуваме измени на Законот со кои дополнително ќе добите предвидливост на деловното опкружување во земјава, односно ќе се воведат законски одредби со кои ќе може да очекувате 100 проценти испалата на финансиска поддршка. Тоа нема да зависи од ничија политичка волја или одлука, порача Битиќи.

Како што информира неговиот Кабинет, дуалното образование и пристапот до квалификувана работна сила беше уште една од темите кои се отворија на состанокот, а за што заеднички беше оценето дека преку дијалог треба да се дојде до олеснување на постоечките законски и административни процедури во насока на олеснет пристап до квалификувана работна сила.

На крајот од состанокот беше изразено задоволство континуираниот дијалог кој се води со претставниците на странските компании во земјава, притоа заеднички оценувајќи дека тој е единствениот пат кој води кон понатамошно унапредување на деловниот амбиент и неговата атрактивност за поттикнување на нови инвестиции во економијата. мч/са/

фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан