• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Инвестицијата на „БМЗ“ доаѓа во вистинско време, германските компании ја препознаваат нашата земја како дел од ЕУ

Битиќи: Инвестицијата на „БМЗ“ доаѓа во вистинско време, германските компании ја препознаваат нашата земја како дел од ЕУ

Франкфурт, 4 септември 2023 (МИА) - Инвестицијата на „БМЗ“ доаѓа во вистинско време за да се прати вистинската порака - дека по КОВИД-пандемијата и војната во Украина, странските вложувачи ја гледаат Северна Македонија како дестинација во која треба да го продолжат нивното производство, изјави за МИА вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

По потпишувањето на Договорот со „БМЗ“ за инвестиција од 65 милиони евра во ТИРЗ Скопје 2, Битиќи од Франкфурт истакна дека германските компании се подготвени да инвестираат, а нашата земја ја препознаваат како дел од ЕУ.

Според него, компании и од други земји, не само од Германија, го наоѓаат своето место во Северна Македонија зашто земјава, како што рече, нуди конкурентна работна сила и конкурентни бизнис услови.

-Прво, сметам дека оваа инвестиција е знак на добрата соработка што ја имаме со Германија. Оваа инвестиција е една од 200-те германски компании која ќе влезе на нашиот пазар, но доаѓа во право време за да се пушти правата порака дека Северна Македонија е земја во која приближувањето на вредносниот ланец по сите превирања поради КОВИД пандемијата и проблемите што се појавија, војната на Украина, дека Северна Македонија е дестинација во која тие го наоѓаат следното место во кое нивното производство ќе треба да продолжи. Второ, сметам дека е независно на сите информации што ги добиваме дека германската економија е во рецесија се укажува дека германските компании се подготвени да инвестираат, но притоа, гледаат во иднината, а тоа е, ја препознаваат нашата земја како дел од Европа, Европска унија и како такви ги прават инвестициите. Оваа е високотехнолошка инвестиција во производство на батерии и сметам дека за нашата земја ќе биде нов почеток затоа што ќе го придвижи вредносниот ланец во автомобилскиот сектор во производството на електрични возила, но и на сите други видови на транспортни средства што користат батерии како основно средство за нивно работење, рече вицепремиерот.

Тој информира дека утре македонската делегација во Франкфурт ќе има состанок со група компании.

-Состанокот се организира од македонско-германската делегација за бизнис соработка. Сметам дека има позитивни знаци, дека веќе доста компании не само од Германија, туку и од други земји во Европа го наоѓаат своето место во Северна Македонија зашто нудиме конкурентна работна сила, конкурентни услови за компаниите и сметам дека сите сфатија дека имањето на вредносниот ланец многу далеку, а тоа е во Азија или подалечни земји, само го усложнува производството и ја намалува нивната конкурентност. Заедничкото и приближувањето на вредносниот ланец во Европа ја зголемува конкурентноста на европската економија каде што сме дел од таа, подвлече Битиќи. 

Претпладнево во Франкфурт беше потпишан Договорот со германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ“ за инвестиција која, како што беше најавено, треба да отвори 775 работни места. Договорот го потпишаа извршниот директор и основач на „БМЗ" Свен Бауер и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) Јован Деспотовски, во присуство на вицепремиерот Битиќи и Јелица Ивановска, генерален менаџер на „БМЗ Македонија“. лв/мч/

фото: принт скрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан