• петок, 22 ноември 2024

Бислими: Правилникот на Централната банка на Косово не е дискутиран ниту оспоруван во Брисел

Бислими: Правилникот на Централната банка на Косово не е дискутиран ниту оспоруван во Брисел

Приштина, 22 март 2024 (МИА) – Првиот вицепремиер и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими вели дека на последната средба во Брисел не е дискутиран и не е оспоруван Правилникот на Централната банка на Косово (ЦБК), со кој се забранува користењето на српскиот динар во земјата, туку дека се разговарало за модалитетите како тоа може да се постигне во рамките на тој правилник, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бислими за телевизијата АТВ изјави дека Приштина изразила готовност да разговара за модалитетите на имплементација на регулативата во моментот кога се увидело дека има потешкотии во трансферот на помошта од Србија за припадниците на српската заедница во Косово.

- Правилникот на ЦБК не се расправаше или оспоруваше во Брисел, бидејќи ЦБК има монопол во дизајнирањето на монетарната политика, но во тој момент кога се креира политика, граѓаните се тие кои се одговорни за нејзиното спроведување. Имаме ЦБК, која јасно прецизира како треба да се врши увозот и извозот на валути и во моментот кога се забележи дека тоа создава компликации за трансферот на финансиската поддршка што Србија ја испраќа на граѓаните од српската заедница во Косово, изразивме подготвеност да разговараме за модалитетите како тоа може да се постигне, повторно во рамките на Правилникот на ЦБК, рече Бислими.

Тој вели дека тоа што ќе го достават до Брисел не се предлози за регулативата, туку идеи како во рамките на оваа регулатива е можен трансферот на финансиската поддршка од Србија за припадниците на српската заедница.

Косово и Србија денеска ќе ги достават своите предлози за користење на српскиот динар во Косово, додека следната недела повторно ќе се сретнат во Брисел за да разговараат за опциите.

Двете страни на средбата на ниво на главни преговарачи што ја имаа во вторникот, се обврзаа до 22 март да ги достават своите предлози за решавање на прашањето за користењето на динарот во Косово.

Западните дипломати побараа од Косово да го одложи спроведувањето на правилникот, со цел да им даде време на погодените граѓани да се прилагодат на новата практика.

Во врска со ова прашање, косовскиот премиер, Албин Курти неделава изјави дека нема предлози што Косово ги прифаќа, а кои се спротивни на правилникот на ЦБК, со кој се утврдува дека еврото е единствено средство за готовинско плаќање во Косово.

-Постојано даваат предлози. Не значи дека јас јавно ќе ги обелоденувам нивните предлози, како да сум портпарол на амбасадите. Не можам јас да ја работам таа работа. Ви кажувам дека доставивме писмо до Народната банка на Србија во име на гувернерот, кој во овој случај не претставува сите нас како граѓани на Републиката, вас како новинари, мене како премиер и чекаме одговор од другата страна. За опциите што ги даваат Американците, Германците и другите, верувам дека треба тие самите да зборуваат за себе, рече Курти во интервју за Радио Слободна Европа. иа/мс/

Остани поврзан