• недела, 22 декември 2024

Бирото за регионален развој започна процес на трансформација во агенција

Бирото за регионален развој започна процес на трансформација во агенција

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Бирото за регионален развој започна процес на трансформација во агенција со цел државата да има акредитирана институција која ќе влече повеќе средствата од Европската Унија за регионален развој, најави денеска директорот на Бирото, Рамиз Реџепи.

Како што истакна на денешната средба со новинарите, за тоа веќе има одлука на Влада, а формирана е и работна група од Министерството за локална самоуправа, финансиски поддржана од УСАИД. Изработена е физибилити студија со три предлози за трансформацијата, која е потребна за да се исполнат условите за искористување на средствата од ЕУ за регионален развој. 

-Се очекува предлогот следната недела да помине на Влада и да се изготви закон за трансформација по што ќе почне постапката за акредитација на новоформираната агенција за да можеме како држава да привлекуваме средства од Европската Унија за да создадеме подобри услови за граѓаните во нашата држава, рече Реџепи и нагласи дека и досега Бирото имало можност да добива донации од ЕУ, УНДП и СИДА.   

Тој нагласи дека општините знаат дека секако добиваат средства за рамномерен регионален развој поради што досега доставуваа постари, неажурирани и неквалитетни проекти до Бирото и до планските региони. 

Со цел општините во иднина да изработуваат поквалитетни проекти, како што рече, добиена е донација од 1,6 милиони долари од Шведската агенција СИДА, а 400 илјади евра се одвоени и од Буџетот на државата.

За рамномерен регионален развој државата треба да издвојува 1 процент од БДП со цел да се поддржат регионални проекти кои ќе им помогнат на општините да се развиваат и да имаат подобри услови за граѓаните. Во државата има осум плански регионi од кои најразвиен е Скопскиот плански регион иако и во него има помали општини кои не се доволно развиени, а најнеразвиен е Североисточниот плански регион. Бирото финансира четири сегменти – проекти за развој на плански региони, урбани средини, развој на села, и развој на подрачја со специфични развојни потреби. Притоа, 55 отсто од поддршката одат за плански региони, и по 15 отсто за трите останати сегменти.

Бирото денеска го претстави и проектот за дигитална трансформација на јавниот и приватниот сектор „Go Green-компјутерската моќ станува зелена“, кој е прв проект што го реализира со пари финансирани од ЕУ и кој се занимава со потребата и предизвиците при намалување на потрошувачката и загубите на енергија во процесот на дигитализацијата на општеството. 

Како што кажа раководителот на секторот за имплементација на проекти за регионален развој, Лидија Марков, дигиталната трансформација на јавниот и приватниот сектор стана европски приоритет за зголемување на конкурентноста, и соодветно тоа е и наш национален приоритет.

-Главната цел на проектот е да го промовира усвојувањето на интегриран пристап и рамка за создавање комбинирани зелени и дигитални иницијативи за трансформација на националното и транснационално ниво, што ќе доведе до позелено функционирање на дигитални инфраструктури кои користат центри за податоци. Главните целни групи се јавен сектор како регионалните власти, универзитетите, професионалните здруженија, како и приватниот сектор и граѓаните на програмската област преку создавање одржлива и поконкурентна економија со подобрени еколошки услови, култура на дигитална трансформација и создавање релевантни можности за работа, рече Марков.

Иднината во овој сегмент, според професорот Ристо Иванов кој е експерт за оваа проблематика, е потребата да се најде решение затоа што со напредокот на дигитализацијата се јавува и феномен – дигиталната инфраструктура и податоци трошат енергија и доведуваат до појава и загуби на енергија.

-Предвидувања за 4-5 години се дека дигиталните технологии ќе трошат меѓу 5 и 9 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија. Покрај тоа при работењето дигиталните алатки создаваат температура која влијае на емисијата на гасови. Овие појави ја актуелизираат зелената дигитализација, односно како да се преземе одговорност. Направивме анализа и за Македонија според која избравме три сектори каде ќе се одрази – градежен, земјоделски и јавен сектор со фокус на отпадот, рече Иванов. 

Во овие сектори, како што кажа, се предвидени огромни инвестиции во дигитализација и секој сектор треба да преземе обврска за зелениот аспект. 

-Направивме директни контакти со институции кои имаат големи центри на податоци. Во јавен сектор не е почнат, но во приватниот сектор почнува да се користат обновливи извори на енергија. Потоа, топлината од создавање податоци може да се искористи повеќе пати, но кај нас има потреба од промена на законска регулатива да се реши овој аспект, рече Иванов и додаде дека овие процеси ќе отворат и нови работни места и зелен развој.

Игор Мишевски, консултант на проектот го објасни Барометар, односно моделот за проценка на подготвеност на институции во која мера може да се дигитализираат, како една од активностите на проектот.

-Во ЕУ има две движења во однос на искористување на два типа технологии и можности - заштита на животна средина и искористување на дигитализацијата. Проектот преку анализите и барометарот дава насоки кои може да се користат во идни проекти и процеси за сите информации да се стават за подобро искористување на идни фондови за зелена дигитална трансформација. Прв е јавниот сектор каде ЕУ фондовите може да овозможат шанса за развој, но тука се и земјоделството преку дигитална трансформација и зазеленување на бизниси и градежниот сектор со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија за загревање, искористување паметни технологии. Тука се и други сектори – информатичкиот сектор кој се преклопува низ целата дигитализација и другите сектори кои може да доживеат зелена трансформација, појасни Мишевски.вј/aa/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан