Библиотека „Искра“ – Четиристотини деца и млади од Кочани беа дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца
Кочани, 6 октомври 2025 (МИА) - Заврши фестивалската програма посветена на книжевноста за деца и млади што ја реализираше ЈОУ Библиотека „Искра“ од Кочани. Преку ликовната работилница на тема за меѓународното мото за 2025 – „Јазикот на сликите“, на вториот програмски ден, учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ сликајќи, го изразија својот талент, мисли и чувства, a нивниот процес на творење беше претставен пред децата од ДГ „Павлина Велјанова“ – Кочани.
Изложбата од творбите беше посетена од корисниците на Дневниот центар при Центарот за социјални работи од Кочани. Во просториите на Дневниот центар беше остварена литературна средба на роднокрајната авторка Ана Дедова и вишиот библиотекар Румена Тодорова со лицата корисници на Дневниот центар за интелектуална и телесна попреченост.
Со гостувањето на уредникот на Издавачката куќа „Македоника литера“ беа промовирани книгите „Мојот татко спие со ангелите“ и книгата „Добар ден тато“ од хрватскиот автор Стјепан Томаш пред учениците од ООУ „Никола Карев“. Преку содржината Средношколски парламент во библиотека на тема „Зачувување на македонскиот стандарден јазик од употребата на жаргони, странски изрази и компјутерската технологија“ младите од двете средни училишта во Кочани дебатираа разменувајќи си ги своите размислувања, ставови и носеа заклучоци. Свои излагања имаа професорите Кирил Барбареев и Ана Витанова Рингачева од Универзитетот, „Гоце Делчев“ од Штип.

Програмата беше затворена со театарската претстава „Децата на железницата“, за која адаптацијата на текстот и изборот на музика се на Магдалена Кочовска Салтирова, а претставата ја режираше Кристина Атанасова Арсова. Претставата беше изведена пред кочанската публика во салата на Мултикултурниот центар.
Во целокупната фестивалска програма учествуваа над 400 деца и млади.

Фестивалската програма за одбележување на Меѓународниот ден на литературата за деца е проект од национален интерес во културата на Министерството за култура и туризам, поддржан од Општина Кочани и од компаниите поддржувачи Амфенол технолоџи Македонија, Голден текс и Ротари Клуб Кочани-Виница.
Координатор на проектот е библиотекар советник Магдалена Кочовска Салтирова. ис/нд/
И.С. фото: Општина Кочани