Би-Би-Си: Коронавирус и вакцинацијата во Србија - Од вол на ражен преку преку велигденски бонуси и ваучери
- Додека некои луѓе во Србија сè уште не сакаат да вакцинираат, државата апелира што е можно повеќе луѓе да примат некои од достапните вакцини со цел што побрзо да го вратат животот во нормала,
Белград, 6 мај 2021 (МИА) - Додека некои луѓе во Србија сè уште не сакаат да вакцинираат, државата апелира што е можно повеќе луѓе да примат некои од достапните вакцини со цел што побрзо да го вратат животот во нормала, јави дописникот на МИА од Белград.
Властите во Србија ветија подарок од 3.000 динари на секој што ќе прими барем една доза од вакцината до 31 мај.
Во текот на изминатите недели, некои претприемачи им понудија на вакцинираните бесплатен ручек, колачи, пијалоци, финансиски стимулации за вработените, додека некои трговски центри објавија ваучери за оние што ќе се вакцинираат во тие објекти.
-Овие напори се за општо добро на сите нас, а луѓето сакаат да подаруваат - на ова сме научени уште од детството и вниманието им значи на луѓето, изјави специјалистот за комуникации Марко Марјановиќ за Би-Би-Си на српски јазик .
Последниот ден на велигденските и првомајските празници, 4 мај, им донесе многу работа на работниците во познатото кафуле во Крагуевац „Библиотека кај Милутин“ - само на тој ден, според сопственикот, имаше „меѓу 600 и 700 луѓе“.
Гостите можеа да се вакцинираат, но и доброволно да даруваат крв.
За возврат, добија вистински подарок - „вол на ражен, гулаш од дивеч, пијалоци и дружење“.
-Оваа година, поради пандемијата, решивме да ги поканиме луѓето да се вакцинираат, изјави сопственикот на кафулето, Ставро Рашковиќ.
Немаше закажување, а гостите можеа да изберат помеѓу кинеската вакцина „Синофарм“ и американско-германската вакцина „Фајзер/Бионтек“.
Рашковиќ наведе дека во средата, шеесетина лица биле вакцинирани во кафулето, а околу 170 дале крв.
-Веројатно би се вакцинирал деновиве, но има и фактор кога ќе закажете состанок да чекате на ред, па ве мрзи, и еве дојдов да се дружам, а потоа одлучивме - ајде да се вакцинираме во кафеана заради забава, изјави пензионерот Владимир Јајиќ, кој наголемо им ја раскажува оваа анегдота на своите пријатели.
По објавувањето дека оние кои ќе се вакцинираат ќе добијат ваучери во вредност од 3.000 динари, во белградскиот трговски центар „Ушче“ се создадоа големи турканици.
Сопственикот на „Библиотеката кај Милутин“ не е единствениот претприемач од Србија кој дал свој придонес во кампањата за вакцинација.
Од средината на април, едно белградско кафуле на секој што ќе дојде со потврда за вакцинација и нарача оброк го чести со бесплатен колач.
Постојат слични иницијативи во економијата.
Една приватна компанија за дизајнирање и изведување градежни проекти од Параќин донираше 4.000 динари на вработените постари од 40 години, а 6.000 динари на помладите за да се вакцинираат.
Нешто слично во април започна валарницата за бакар од Севојно, која им донира10.000 динари на вработените во замена за вакцинирање.
Минатиот месец, посебно внимание привлече одлуката на сопственикот на приватна компанија за производство на картон од Шабац, кој не само што вети награда од 30.000 динари за вакцинирани лица, туку на вработени кои не сакаа да бидат вакцинирани им го одби Велигденскиот бонус на платата. об/