• недела, 07 јули 2024

Бечиќ и Абазовиќ во коалиција за парламентарните избори во Црна Гора

Бечиќ и Абазовиќ во коалиција за парламентарните избори во Црна Гора

Подгорица, 24 април 2023 (МИА) – „Демократска Црна Гора“ на Алекса Бечиќ, доскорешниот претседател на црногорското Собрание, и Граѓанското движење УРА, на актуелниот премиер во технички мандат, Дритан Абазовиќ, на претстојните вонредни парламентарни избори во Црна Гора, закажани за 11 јуни, ќе настапат во коалиција, најави шефот на пратеничката група на Демократите, Борис Богдановиќ.

Богдановиќ за ТВ „Вијести“ од Подгорица изјави дека двете политички групации „ формирале антимафијашки блок“ и додаде дека се отворени за сите политички субјекти од граѓанска и европска провиниенција, кои, како што кажа, имаат храброст да се справат со организираниот криминал и корупцијата.

-Тоа важи и за Движењето Европа сега (ПЕС), чии партиски тела се одговорни за одлуката за настапот на коалицијата, рече Богдановиќ, порачувајќи дека Демократите нема да дозволат една партија да ја врши власта на сите нивоа.

Богдановиќ додаде дека освен со УРА, демократите се отворени за соработка и со Демос и Обединета Црна Гора, додека со Социјалистичката народна партија (СНП) и покрај добрите односи, засега не ја разгледуваат таа опција.

-Секој политички субјект, без разлика на тоа како ќе настапи на следните парламентарни избори, може слободно да ја заборави идејата за враќање на еднопартискиот систем, рече Богдановиќ. сд/

Остани поврзан