Бесплатна проекција на пролетното издание „Ecoscop“ на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион
- Пролетното издание „Ecoscop“ на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион ќе се одржи вечерва, при што публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата - Сараево, Белград, Херцег Нови, Љубљана, Загреб и Скопје, ќе има можност на бесплатна проекција да го погледне филмот „TerraForma“. Проекција на филмот кај нас ќе се одржи во Кинотеката, а потоа ќе следува панел дискусија со експертот по екологија Ханес Јекл и координатор на програмата за заштита на реките во „Еко-свест“, Ѓорѓи Митревски.

Скопје, 22 април 2025 (МИА) - Пролетното издание „Ecoscop“ на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион ќе се одржи вечерва, при што публиката од земјите чии фестивали се членки на Мрежата - Сараево, Белград, Херцег Нови, Љубљана, Загреб и Скопје, ќе има можност на бесплатна проекција да го погледне филмот „TerraForma“. Проекција на филмот кај нас ќе се одржи во Кинотеката, а потоа ќе следува панел дискусија со експертот по екологија Ханес Јекл и координатор на програмата за заштита на реките во „Еко-свест“, Ѓорѓи Митревски.
Станува збор за заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали - Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал, Филмски фестивал Херцег Нови и ИФФК „Браќа Манаки“.
Како што соопштија од фестивалот „Браќа Манаки“, Ханес Јекл е извршен директор и ко-основач на „Man and Mountain“, компанија со седиште во Скопје, која креира проекти за еколошка свест - „Генералка викенд“ - „Сончева гора“, зелени градови , развој на Национални паркови и природни локалитети, зелена економија, органско земјоделство, рурален развој - економски, културен и социјален развој, туризам, зелена енергија.
Ѓорѓи Митревски е координатор на програмата за заштита на реките во Еко-свест. Како продуцент, соработува со независни културни колективи и уметници, креирајќи филмови, театарски претстави, изложби и инасталации со цел да ја прошири еколошката порака и да поттикне поширока јавна поддршка. Во својата работа ги промовира принципите на граѓанската наука, развивајќи алатки и методологии што овозможуваат активно учество на граѓаните во мониторингот на реките. Преку ваквиот интердисциплинарен пристап ја обединува науката, уметноста и заедницата во заедничка заложба за заштита на природата и одбрана на живиот свет.
Филмот исто така ќе биде достапен една недела онлајн на ондеманд платформата на линкот „https://ondemand.kinomeetingpoint.ba/“.
-Пролетното издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион е единствена можност за публиката во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија и Македонија бесплатно онлајн да го погледне филмот, велат од фестивалот „Браќа Манаки“.
TerraForma е приказна за оддалечениот вулкански остров Вознесение, кој тлеел милиони години сè до неговата радикална трансформација со процес на „тераформирање“ во тропски рај. Тоа е приказна за тоа што таа трансформација може да значи за нашата планета во иднина каде што може да дојде до тераформирани пејзажи создадени од човекот кои го искривуваат нашето разбирање за самата „природа“. На овој остров има повеќе отколку што се гледа. Новата средина, навидум рај, всушност е фатаморгана- огледална слика на нивната амбиција, нивната империја и нивното разбирање за светот...
Режисерското дуо Кевин Бренан и Лоренс Дуркин се пријатели и долгогодишни соработници. Кевин е уметник и режисер од Ирска, додека Лоренс е режисер на документарни филмови од Лондон. Преку својата работа тие ги истражуваат темите на идентитетот, пејзажот и човечките односи со природниот свет. бт/нд/
Фото: ИФФК „Браќа Манаки“