• петок, 22 ноември 2024

Бесплатен паркинг и неограничен влез во Кавадарци за време на „Тиквешкиот гроздобер"

Бесплатен паркинг и неограничен влез во Кавадарци за време на „Тиквешкиот гроздобер

Кавадарци, 29 август 2023 (МИА) - Бесплатен паркинг и неограничен влез во Кавадарци за време на „Тиквешки гроздобер", манифестација што ќе се одржи од 8 до 10 септември. Ова го најави денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на седница на општинскиот Совет.

- Гостите во Кавадарци ќе бидат пречекувани со грозје, со желба убаво да си поминат. За редот при влезот во градот и паркирањето ќе се погрижат вработените во јавното претпријатие за паркинг и волонтери, појасни Јанчев.

За одржување на оваа манифестација предвидени се 10.595.086 денари. Општината ќе издвои пет милиони и триста илјади денари, а остатокот се планира да се обезбеди од излагачи, спонзори и донатори на фестивалот. 

На „Тиквешки гроздобер" ќе настапат Лепа Брена, Дарко Лазиќ, Халид Бешлиќ и Хурикејн, но и претставници на македонската музичка сцена. Програмата содржи карневалско дефиле, културни настани, изложба на олд тајмери, мото рели, таблијада, огномет.

- За време на фестивалот ќе се посвети внимание на тоа да се опфатат активности за сите генерации, со зачувување и негување на традициите и обичаите типични за Тиквешкиот лозаровинарски регион, пишува во програмата.

На градскиот плоштад во Кавадарци ќе се презентира тиквешка традиционална храна, виното, ракијата, маџунот. свд/ра/

Фото: МИА

Остани поврзан