• четврток, 08 август 2024

„Бесконечна слобода“ - осмо издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short“

„Бесконечна слобода“ -  осмо издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short“

Струга, 8 август 2024 (МИА) - Под слоганот „Бесконечна слобода“, денеска во Струга почнува осмото издание на Фестивалот за краток филм „Drim Short 2024“. Фестивалот ќе трае до 11 август.

Како што е најавено, фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, во селекција на Иван Бакрач.

Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“ чиј победник
го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата каде ќе се прикажат три кратки филмови во специфичен формат.

Во едукативниот дел од фестивалот ќе може да се проследат два мастеркласови со Ено Милкани и Иван Бакрач, како и една дискусија за филм на тема „Соочување
со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма оваа година ќе биде посветена на македонската музика. Фестивалот ќе го отворат Фолтин со целовечерен концерт, додека
фестивалот ќе го затвори групата „Искра“.

-Осум лета, една идеја за бесконечност. „Слободата“ денес е тема која често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена,
погазена, украдена и прелажана. Слободата, која денес е заробена од „слободниот свет“. Затоа осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат. Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата
на другиот, соопштија организаторите.

„Drim Short 2024“ ќе биде реализиран во соработка со Sky Music Center Skopje, Министерството за култура, Форум ЗФД Скопје, Europe House Struga, НУЦК Браќа Миладиновци - Струга, AКВА Струга, Хотел Дрим, Струшки вечери на поезијата, Мезе бар Кингстон и Мезе бар Барабар. Медиумски покровители на фестиавлот и оваа година се Play Radio и Филм+. бт/нд/

Фото: „Drim Short 2024“

Остани поврзан