• понеделник, 25 ноември 2024

Бесими: Трезорот ќе работи, правата на вработените ќе ги оствариме согласно законите

Бесими: Трезорот ќе работи, правата на вработените ќе ги оствариме согласно законите

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) - Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека трезорот ќе работи и ќе се вршат сите буџетски плаќања и покрај најавите за блокади од вработени во Министерството за финансии - членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ),  а како реакција на времената мерка од Уставниот суд со која се запре исплатата на надополнувањето за 30 отсто на нивните плати. 

Бесими денеска на новинарско прашање рече дека се отворени да разговараат и оти до конечната одлука од Уставниот суд не може да се пристапи кон потпишување колективен договор. Веќе имале средба со претставници на УПОЗ, а во меѓувреме вработените во Министерството за финансии ќе регистрираат синдикат и ќе ги завршат потребните процедури.

-Има закон и никој не може да ги прекине работите што се од јавен интерес. Тоа е кривично дело. И да има штрајк има точни прописи во законот како се спроведува штрајкот, кога дел од вработените дежураат, а  дел штрајкуваат.  Тоа е по Устав и закон и тоа ги штити интерсите на граѓаните. И претходно сум рекол дека кадрите на финаискиот пазар треба да имаат соодветна плата и стоиме на тоа. Одлуката е на Уставен суд којшто е независна институција од извршната власт. Има времена мерка и во период додека трае времената мерка и нема конечната одлука не може да пристапат кон потпишување колективен договор  на хипотетичка ситуација, рече Бесими, на прашање по прес-конференцијата во Владата. 

Правото на организирање синдикати и колективни договори, дополни, е регулирано со нашите закони,  го почитуваме и ги охрабруваме тие што сметаат дека така ќе ги реализираат правата да го направат  тоа согласно закон. Меѓутоа, нагласи Бесими, во ниту еден случај нема да има штрајк или некој да не прима плата, или некој да не изврши плаќања од Буџет или трезор. Тоа ниту било прашање, не знам дали имало таква комуникација, но сакам да биде јасно - ниту некој од вработените во финансии, и затоа јас ги почитувам нив, нема таква најава, ниту некој помислил дека ќе го затвори Трезорот и нема да работи. Тоа нема да се случи. Граѓаните и стопанството и сите меѓународни институции треба јасно да знаат дека во финансии нема таков вработен  што ќе го затвори трезорот. Сите ќе функционираат,  ликвидноста ќе функционира, а правата ќе ги оствариме согласно законите, отворени сме да разговараме со нив, рече Бесими. 

За случајот, потенцираше, чекаме конечна одлука. Тие допрва се организираат затоа што во финансии немало посебен синдикат, треба да се регистрираат и има уште неколку процедури.  Раководството кај нас се има сретнато со претставници на УПОЗ имаме разбирање, но  упатува јасна порака до јавноста дека трезорот ќе работи, ќе има плати и ќе се извршат сите трансакции не само до крај на годината туку и после тоа, рече Бесими. 

Вработени во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки - членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), од вчера протестираат поради времената мерка со која им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30 отсто. 

Најавија дека „постои опасност од затворање на трезорот, доколку Уставниот суд одлучи да се запре надополнувањето на платите за 30 отсто“.  Исто така, работата на Бирото за јавни набавки да прекине, со што ниту една институција во државата нема да може да набави што било, а Управата за имотно правни работи нема да ги работи експропријациите.

Уставниот суд на седница на 5. месецов поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот. Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.лв/аа/

фото: МИА архива 

Остани поврзан