• недела, 24 ноември 2024

Бесими: Со Предлог-законот нема експропријација на нелегално изградени објекти

Бесими: Со Предлог-законот нема експропријација на нелегално изградени објекти

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Со заокружување на проектите за коридорите 8 и 10д де факто стануваме центар на регионот, крстосница на патната, но и на железничката и енергетска инфраструктура, порача на денешната прес-конференција во Владата министерот за финансии Фатмир Бесими, кој истакна дека овој проект не е е само економски, туку и геостратешки во смисла на паневропската димензија која ја има.

Во однос на економскиот импакт наведе дека, станува збор за 1,3 милијарди евра според физибилити студијата и додаде дека повеќекратен ќе биде ефектот врз нашата економија, имајќи ги предвид околу 8 000-те работни места во зададениот  период, а на годишно ниво неговата реализација во нашата економија ќе изнесува два процента од БДП. 

Напомена дека МФ како дел од пакетот на Владата ги предложила измените на Законот за експропријација, што доаѓа на барање на Јавното претпријатие за државни патишта ЈПДП. Додаде дека измените, кои се предложени и усвоени денеска во Владата не се однесуваат само на овој проект, не само на стратешките, туку на сите инфраструктурни проекти, каде што има процес на експропријација.  

Појасни дека нејаснотијата во постојниот закон е препрека за реализација на експропријацијата, а со предложените измени се прави прецизирање, но сето тоа ќе се изведува на начин, на кој нема да биде оштетен ниту еден граѓанин, ниту едно семејство, ниту еден правен субјект.

-ЈПДП укажа дека голем дел од инфраструктурните проекти имаат застој поради тоа што во процесите на експропријација има дел од објекти во кои живеат граѓани, куќи во приватна сопственост или станбени објекти, за кои има поголеми потешкотии во однос на дислокација. Се овозможува закупнина за граѓаните во период и тоа во интерес на граѓаните, во интерес на сите нас за тоа што е наше уставно право - правото на сопственост и правото на слобода на сопственост. Со ова им се гарантира правото на граѓаните, ако е од јавен интерес да се забрза постапката, меѓутоа при забрзувањето на постапката, при јавниот интерес да не се дозволи ниту еден граѓанин да биде оштетен, ниту едно семејство да не биде оштетено. Тоа решение го има во постојниот закон, но не можело да се имплементира, затоа што не било прецизирано. ЈПДП не можело да го користи овој член, а сега го прецизираме и се дава можност до 12 месеци плус шест тоа да се направи, изјави Бесими и додаде дека е слично и за правните субјекти, доколку се зафатени со процес на експропријација.

Бесими нагласи дека со овие измени и преку овој проект нема да се врши легализација на бесправно изградени проекти. Потсети дека Закон за легализација е донесен во 2011 година, измени се донесени и во 2017, а тој процес имаше временски рок за пријавување за легализирање, односно пријави можеа да се доставуваат до 2018. Министерот за финансии посочи дека измените не предвидуваат доставување нови барања за легализација, но дополни дека можеби некои од тие процеси за барања до 2018 година се уште не се завршени и оти тие ќе се процесуираат, но според веќе постоечките закони.

-Можеби некои од тие процеси во однос на доставените барања до предвидениот рок, не се реализирани и доколку наидеме на такви ситуации низ процесот на имплементација на овој проект, но не само на овој, туку и на други проекти во иднина во нашата земја, само за станбените проекти во Законот за експропријација се овозможува само надомест за закупнина за семејствата доколку треба да се дислоцираат. Сепак, не станува збор за експропријација на објект кој е бесправно изграден. Тоа ќе тече по процедура по друг закон кој е донесен во 2011 година. Да поедноставам, со Предлог-законот за експропријација денеска што беше на Влада и ќе биде во собраниска процедура нема експропријација на нелегално изградени објекти. Единствено што ќе се овозможи е ако семејства што живеат во тие објекти и имаат доставено барање до рокот, но институциите вклучително и локалната власт не ја завршила постапката им се дава еднакво гарантирано уставно право на секој граѓанин, бидејќи станува збор за објект во кој живеат, вели Бесими.

Во однос на другата законска измена, која се однесува на Законот за прогласување јавен интерес на изградбата на Коридорот 8 и 10д, измените се дополнувања на тоа што веќе постои во тој закон, а тоа се ослободување од ДДВ.

Дополнувањата, како што рече, се да се направи усогласување со веќе поставената пракса и во другите закони за финансирање на инфраструктурни проекти. Министерот нагласи дека тоа значи ослободување од сите давачки за промет - ДДВ, царини, акцизи, во однос на се што значи оптоварување или зголемување на трошоци на инвеститорот, што во конкретниот случај е ЈПДП, финансиран од буџетот.  

-Да поедноставам. Ако проектот е според физибилити студијата 1,3 милијарди евра, претпоставувам дека тој е конечниот износ до крајот на реализација, да заокружиме ДДВ и други давачки на 20 отсто. Доколку не поминат овие измени дополнителни трошоци кои ќе влезат во буџет како давачки ќе значат 260 милиони евра за кои ние треба да се задолжиме дополнително за да ја реализираме таа трансакција. И ова ни ги намалува трошоците за финансирање и второ е пракса која е веќе воспоставена, меѓутоа кога е донесен првичниот закон се земени предвид само ДДВ, а се испуштени и дел од давачки за царини затоа што се смета дека голем дел од царинските промени ги имаме реализирано, значи либерализирано, меѓутоа за делот на реализација на проектот ова е пракса која е веќе воспоставена и е во корист на заштита или намалување на трошоците на реализацијата на проектот, појасни Бесими. 

Министерот за финансии потенцира дека освен овие олеснувања, ниту една компанија не е ослободена од даноци или други јавни давачки, како што се придонесите, данок на личен доход и данок на добивка.

-Значи, сите тие за секоја економска активност и заработувачката што ќе ја имаат и ангажманот ќе ги платат сите даноци како и секоја друга компанија, рече Бесими. ац/лв/

Остани поврзан