• петок, 22 ноември 2024

Бесими: СЕФФ 2023 - Побрза конвергенција кон ЕУ за просперитет и повисок животен стандард

Бесими: СЕФФ 2023 - Побрза конвергенција кон ЕУ за просперитет и повисок животен стандард

Скопје, 23 септември 2023

Европската Унија не е дестинација, тоа е патување. Демократско општество, почитување и заштита на правата и владеењето на правото, мултиетничност, мултикултурност, слобода на движење на добрата, капиталот и луѓето, мир и сигурност, развој и просперитет се заедничките вредности кои обединуваат 450 милиони граѓани во 27 земји во една унија, пацифистички сојуз, еден пазар, економска суперсила. Пишував многу за ЕУ, од призма на придобивките, инвестициите, растот на трговијата, забрзување на економскиот раст, отворање нови работни места, подобрување на стандардот на граѓаните итн. Но, членството во ЕУ не е пехар на крајот на трката, или како што посочи и ЕУ комесарот, Јоханес Хан, на Скопскиот економски и финансиски форум - СЕФФ, „на ЕУ не треба да гледаме како на банкомат, туку како на начин на размислување и споделување заеднички вредности“. Оттаму кованицата „да ја донесеме Европа дома, пред да станеме дел од ЕУ“ многу коректно ја доловува суштината на процесот на евроинтеграција - да работиме, да се раководиме од вистинските вредности и цели, за нам да ни биде подобро. Членстовото во Европската Унија не е нашата дестинација, туку тоа е пристапување кон „заедничко патување„ за подобра иднина, просперитет и повисок животен стандард.

Патот кон ЕУ е единствениот пат напред. Оптимизмот или песимизмот дека еден ден ќе станеме полноправна членка на ЕУ варира низ годините, но изминатите триесет години дестинацијата кон која сме насочени не се менува. Затоа, темата на дискусијата на годишната конференција на СЕФФ не ја поставивме во прашална форма - „Дали Европа“ и „Кога Европа?“, туку во декларативна форма - „Европа - ДА, Европа - СЕГА“. Дискусиите беа во насока на забрзувањето на евроинтегративните процеси, односно унапредувањето на економските перформанси, социјалните услови и функционирањето на правната држава, како и регионалната соработка и поврзување.

СЕФФ настана како одговор на ковид-кризата и се издигна од потребата за дискусија и координација на политиките на регионално ниво, помеѓу сите засегнати страни. Периодот кој следуваше, три кризни години со преклопување на неколку глобални кризи во исто време, не беше воопшто мал предизвик за креаторите на политики, за фирмите и граѓаните. Ориентацијата кон транспарентна, широка дискусија и холистички пристап во креирањето на нови идеи и насоки на дејствување, стана неопходност, а СЕФФ прерасна во регионален бренд кој означува поврзување и обединување на различни профили на општествени чинители во споделувањето на најдобри идеи и пракси за понатамошни чекори и политики.

Но, да се вратам на темата на оваа колумна - европскиот пат, патот кој ќе ни овозможи подобри услови за живот на нас и подобро утре на нашите деца.

Развојна синергија преку европска интеграција и регионално поврзување

Поврзувањето беше првата тема на дискусија на овогодинешниот СЕФФ. Самиот концепт на ЕУ, како и на СЕФФ, е синергија, односно подобри ефекти преку поврзувањето. Иако, на читателот веќе му се познати заложбите за поврзување на земјите од Западен Балкан во насока на ползување на придобивките од четирите слободи во регионот, во текстот понатаму ќе се обидам да објаснам што е можно попластично зошто е тоа значајно на нашиот европски пат, односно градењето на подобар живот за нашите граѓани.

Економски предности. Според проценки на Светската банка, интрарегионалната трговија на Западниот Балкан се проценува на околу 20 отсто од вкупната трговија во 2019 година, што го истакнува просторот за раст во регионалната трговија. Поедноставувањето на прекуграничните процедури, води кон намалување на трговските трошоци. Светска банка проценува дека трошоците за прекугранично тргување во Западен Балкан се релативно високи, при што во просек потребни се околу 17 часа за извоз. Како што посочи и директорката на Светска банка за регионот на дискусијата на СЕФФ, со кратење на времето за 3 часа се намалуваат царинските тарифи за 2 процентни поени. Понатаму, поинтегриран регионален пазар може да привлече повеќе странски инвестиции. Погледнете го примерот со Европа; имено, поголем пазар привлекува повеќе инвеститори.

Развој на инфраструктурата. Регионалната поврзаност е крвотокот на развојот на инфраструктурата. Ефикасните транспортни врски, енергетските и дигиталните мрежи низ регионот овозможуваат непречен проток на стоки, услуги и идеи. Регионалните коридори се оние кои носат додадена вредност во националните економии преку инвестициите, трговијата, транспортот, туризмот и јакнењето на геостратешката позиција на државите.

Олеснување на движењето на граѓаните. Олеснувањето на патувањето на граѓаните во регионот, придонесува кон поттикнување на туризмот и патувањата, воопшто. Пред пандемијата, Светската туристичка организација (UNWTO) забележа 18 милиони пристигнувања на туристи во земјите од Западен Балкан. Преку олеснување на движењето, се зголемува потенцијалот за посети. Исто така, се олеснуваат и студиските престои и можноста за размена на искуства, обуки и едукација во регионот.

Зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Регионалното поврзување, развојот на инфраструктурата, диверзификацијата на трговските партнери и доближувањето на синџирот на понудата („nearshoring“) можат да придонесат кон јакнењето на отпорноста на одделните економии од евентуални понатамошни глобални шокови. Дополнително, тука е и придонесот кон енергетската сигурност.

Регионална стабилност. Регионалната соработка е многу значајна за одржување на регионалната стабилност, имајќи предвид дека повисокото ниво на соработка ги редуцира конфликтите, со цел да се заштитат економските активности. Дополнително, регионалната соработка е нешто што ЕУ го охрабрува, бидејќи суштината на ЕУ е поврзување. Првите два од четирите столба на новиот план за доближување на земјите од Западен Балкан до Европската Унија се однесуваат на регионалнo поврзување и поврзување со ЕУ. Како што најави претседателката на Европската комисија, земјите од Западен Балкан ќе имаат

можност многу порано да ги почувствуваат бенефитите од заедничкиот пазар, најверојатно, преку сегментот преку кој се врши размена на стоки и услуги преку дигитални канали.

Политичарите, секогаш треба да ја гледаат големата слика. Така, придобивките од градењето на мостови во регионот за граѓаните, фирмите и економиите, треба да се како примарни во агендите.

Структурни реформи за забрзување на ЕУ конвергенцијата

Вториот процес, кој ќе придонесе кон јакнење на економиите на Западен Балкан и побрза конвергенција кон ЕУ, е спроведување на структурните реформи коишто ќе го забрзаат економскиот раст, ќе ја поддржат конкурентноста, креирањето на нови компании и нови работни места. Владеењето на правото, спречувањето на корупцијата и доброто владеење се дел од тие реформи, преку спроведување на мерките за борба против корупцијата, реформи во правосудството и јавната администрација.

Еднакво важни се истакнуваат и реформите кај човечкиот капитал. Согласно последните податоци за индексот на човечки капитал, кој го пресметува Светска банка, просекот во 2021 година за земјите за Западен Балкан е 0,57 (распонот е од 0 до 1). Ова значи дека децата кои се родени сега, по нивното полнолетство ќе користат само 57% од нивниот потенцијал, што се должи на образованието, здравството и социјалната грижа кои ги нуди системот во нивната земја. Република Северна Македонија, иако има најдобар резултат во регионот (0,59), сепак има многу простор за подобрување, имајќи предвид дека кај развиените економии вредноста на овој индекс се движи над 0,7. Нашата Влада настојува преку издвојување значително повеќе буџетски средства, но и квалитативни реформи, да влијае кон континуирано подобрување на овој индекс. Покрај инвестирањето во човечкиот капитал, од големо значење е и адекватноста на вештините кои се продуцираат кај работната сила со потребите на пазарот на трудот. Инвестирањето во образовниот процес, во обуки за работниците кои ги задоволуваат потребите на пазарот, но истовремено и имплементирањето на реформи кои ќе балансираат помеѓу сигурноста на работните места и флексибилноста на пазарот, ќе дадат значајна поддршка за економијата и адаптирањето на бизнисот на промените. Воведувањето на континуираното учење, исто така, придонесува кон унапредување на квалитетот и релевантноста на образованието. Поддршката на науката и истражувањето, пак, преку охрабрување на синергијата помеѓу науката и приватниот сектор придонесува кон јакнење на иновативноста и претприемништвото во приватниот сектор.

За значењето на развојот на инфраструктурата спомнав и погоре во текстот, но не можам да не ја спомнам и кај структурните реформи. Развојот на транспортната и енергетската инфраструктура ќе го поттикне инвестицискиот процес, ќе ја подобри поврзаноста и трговијата, а со тоа ќе го стимулира и економскиот развој.

Конкурентен приватен сектор е од витално значење за економскиот раст. Преку континуирано олеснување на регулативите за водење бизнис, нивно поедноставување и намалување на бирократијата, се стимулираат инвестициите и претприемништвото. Тука од големо значење е преземањето на активности кон подобрување на пристапот до финансии за малите и средни претпријатија, преку развој на финансиските пазари и механизмите за поддршка.

Одржливоста на животната средина е сè поважна за долгорочен и одржлив развој. Структурните реформи треба да се фокусираат на зајакнување на еколошките регулативи и одржливоста во енергетиката, земјоделството и производството. Понатаму, потребно е да се зголемат инвестициите во обновливи извори на енергија, со цел да се намалат емисиите на јаглерод и да се подобри енергетската сигурност.

Геополитички контекст: Вистинскиот момент за Западен Балкан

На СЕФФ дискутиравме и за геополитичкиот контекст, како дел од развојните процеси на регионот. Тековниот геополитички контекст носи како предизвици, така и можности за земјите од Западниот Балкан. Ако почетокот на војната во Украина за отворените и енергетски зависни економии на Западен Балкан значеше висока инфлација и раст на трговскиот дефицит, од друга страна потребата за продолжување на евроинтегративниот процес и Западен Балкан како дел од него, стана јасна насока. Вистинскиот момент за ЕУ проширувањето се нагласува во анализите на сите реномирани агенции, тинк-тенкови, но и од страна на официјални лица на ЕУ. Во оваа насока е и новиот план на Европската комисија за приближување на Западен Балкан кон ЕУ. Потребата за консолидација на Европа е евидентна, а Западен Балкан е дел од неа. Оттаму развојните процеси, како и политичките процеси, треба мудро да го искористат геополитичкиот контекст, бидејќи неизвесно е дали повторно ќе се создаде ваква шанса.

Бизнисот, ЕУ и глобалните трендови

СЕФФ е широка платформа за дискусија, и соодветно на тоа, бизнис секторот е важен учесник во дискусиите и обликувањето на идеите и идните политики. Оттаму, на СЕФФ дискутиравме и со претставниците на бизнис заедницата, односно на стопанските комори за нивните видувања за глобалните трендови и какви можности тие нудат за бизнисот. Општ впечаток е дека сите претставници на бизнис секторот без исклучок го препознаваат европскиот пат како пат кон напредокот. Јакнењето на конкурентноста преку користењето на придобивките од дигитализацијата, инвестирањето во одржливи, обновливи извори на енергија, инвестиции во човечкиот капитал се можности кои се мапирани од страна на бизнис заедницата за забрзување на развојот на економијата. Како предизвици со кои треба и понатаму да се бориме се сивата економија, која е висока во земјите од Западен Балкан, како и миграциите и потребите на пазарот на труд.

Сите овие дискусии се релевантни од аспект на мапирање на потребите за развојот на нашите економии, за конвергенцијата кон развиените ЕУ економии и кон „носењето на Европа дома“. Би сакал да истакнам дека сум исклучително благодарен на сите кои придонесоа со своето присуство и дискусии на овогодинешната конференција, но и на тимот кој работеше на организацијата на СЕФФ за исклучителната посветеност и професионалност, како и на нашите партнери, „АмЧам“, за поддршката, на претставници

од целиот политички спектар (власт и опозиција), бизнис заедницата, академската и граѓанската заедница, како и претставниците од меѓународните институции и развојните партнери. Ова е трета година на СЕФФ и како што кажав и на конференцијата - еднаш е настан, два пати повторување, трет пат е веќе традиција („Once is an event, twice is a repetition and three times is a tradition“). Верувам дека оваа добра традиција на отворена дискусија водена од економијата и визијата за развој ќе продолжи и понатаму.

Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Министерство за финансии

Остани поврзан