Бесими: Минатата година имаме највисока реализација на капитални инвестиции
- Највисока реализација на капитални инвестиции во однос на планираното во Буџетот е остварена минатата година. Реализацијата е на ниво од 97 проценти во однос на планираното, односно 707 милиони евра, соопшти денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Највисока реализација на капитални инвестиции во однос на планираното во Буџетот е остварена минатата година. Реализацијата е на ниво од 97 проценти во однос на планираното, односно 707 милиони евра, соопшти денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
На заедничката прес-конференција со директорите на Управата за јавни приходи и Царинската управа, министерот Бесими посочи дека се работи пред се, за инфраструктурни проекти, но и за други инвестиции направени од страна на буџетските корисници.
Она што е исто така важно, според него, е и тоа што првпат минатата година е реализиран Буџет без ребаланс во услови на кризни години и непредвидливост во однос на економските текови.
Вкупните приходи минатата година биле на ниво од 98,3 проценти, а расходите на ниво од 98,1 процент.
- Ова се важни работи за реализација на Буџетот за 2023 година што претставува основа за следниот период, рече Бесими.
Посочи дека продолжува и фискалната консолидација, односно трендот на намалување на буџетскиот дефицит од 8 проценти во 2020 година на 4,67 проценти во 2023 година. Во однос на јавниот долг рече дека има намалување односно дека на крајот на третиот квартал од минатата година бил 55 проценти од БДП што е намалување од 3,8 проценти во однос на 2022 година.
- Она што е важно и постигнато е Буџетот да биде во рамки на планот и остварувањата да бидат балансирани на ниво на приходи и расходи и финансирањето да биде со понизок трошок, а притоа капиталните расходи да се повисоки од дефицитот. Тоа се работи што ги најавивме на почетокот на годината и што сега ги соопштуваме со конкретни бројки, истакна Бесими. сан/бак/
Фото: МИА