• петок, 05 декември 2025

Берлемон „ќе стане“ портокалов во чест на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените

Берлемон „ќе стане“ портокалов во чест на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените

Брисел, 24 ноември 2025 (МИА) – По повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември, седиштето на Европската комисија во Брисел вечерва ќе биде обоено во портокалово, боја која е глобален симбол на посветеноста за елиминирање на насилството врз жените, информира портпаролката на ЕК за социјални права и еднаквост Ева Хрнчирова.

- Родово базираното насилството е неприфатливо каде било, кога било и секогаш. Европската унија ја реафирмира својата решеност да ги прекине сите форми на насилство врз жените и девојчињата и да обезбеди секое лице да живее без страв и повреди, изјави Хрнчирова на денешната прес-конференција во Европската комисија на која сите портпароли носеа портокалов додаток, како шалови, марами, накит или џебни марамчиња.

Инаку, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права, вештини, квалитетни работни места и подготвеност Роксана Манзату и еврокомесарката за рамноправност Хаџа Лабиб објавија заедничка изјава во која нагласуваат дека насилството врз жените може да има многу форми и може да се случи насекаде и секому.

- Во ЕУ, една од три жени доживеала родово базирано насилство. Зад секој број стои лице, чиј живот, здравје и достоинство се повредени. За да се стави крај на ова, потребна е акција. ЕУ презема конкретни чекори, од превенција и заштита до спроведување и одговорност. Со пристапувањето кон Истанбулската конвенција и со усвојувањето на првиот Закон за борба против насилството врз жените и семејното насилство, ЕУ воспостави сеопфатна рамка за борба против родово базираното насилство, се додава во заедничката изјава упатена во името на Еврокомисијата.

Во неа се додава дека и родово базираното онлајн насилство им штети на жените, ги замолчува нивните гласови и ги загрозува демократските вредности.

- Нашата Директива за борба против насилството врз жените недвосмислено ги криминализира најраспространетите форми на родово базирано онлајн насилство, како што се споделување интимни слики без согласност, фалсификувани содржини, кибер следење, онлајн вознемирување и поттикнување на родово базирани насилство и омраза, се додава во изјавата.

Трите членки на ЕК посочуваат и дека Директивата гарантира дека јавно достапната илегална содржина на интернет ќе виде веднаш отстранета, а на жртвите на каква било форма на насилство врз жените и семејно насилство им обезбедува посилна заштита и поддршка.

- Ги повикуваме сите земји членки на ЕУ брзо да ја имплементираат оваа Директива во националните законодавства, така што жените и девојките насекаде во нашата Унија ќе можат да бидат побезбедни, и онлајн и офлајн, се потенцира во изјавата.

Во неа се додава дека искоренувањето на родово базираното насилство е од суштинско значење, па затоа ЕУ во својата Стратегија за родова еднаквост за периодот 2026-2030 година, како прв принцип го постави ослободувањето од ваквиот тип на насилство.

- Преку Стратегијата на ЕУ за поефикасна борба против сексуалната злоупотреба на децата и нашите законски предлози за криминализација на сите форми на сексуална злоупотреба на деца и за обезбедување подобра онлајн заштита на децата од сексуална злоупотреба, ги засилуваме напорите за заштита на секое дете, особено девојчињата, се потенцира во пораката.

ЕК додава и дека напорите на ЕУ не запираат на границите на Европа, туку таа работи и глобално во партнерство со владите, агенциите на ОН, граѓанското општество, организациите за права на жените и со заштитниците на човековите права за да се стави крај на сексуалното и родовото насилство.

- Ќе продолжиме целосно да ја спроведуваме Агендата за жени, мир и безбедност за да изградиме свет каде што жените можат да живеат безбедно, а девојчињата можат да растат без страв во секоја заедница и во секој дигитален простор. Запирањето на насилството врз жените и девојчињата е одговорност на сите. Заедно, можеме и мораме да го оствариме тоа, се заклучува во изјавата по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – 25 ноември. сп/јт/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан