Бериша оптимист за укинување на одлуката за непожелен во САД
- Поранешниот албански премиер и актуелен лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, реагираше на изјавата на американската амбасада дека „ставот на САД ќе продолжи да биде ист во однос на лицата идентификувани за вмешаност во висока корупција“, што значи дека останува одлуката „нон грата“ за Бериша.

Тирана, 19 декември 2024 (МИА) – Поранешниот албански премиер и актуелен лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, реагираше на изјавата на американската амбасада дека „ставот на САД ќе продолжи да биде ист во однос на лицата идентификувани за вмешаност во висока корупција“, што значи дека останува одлуката „нон грата“ за Бериша.
Бериша рече дека не се занимава со минатото, алудирајќи на заминувањето на администрацијата на Џо Бајден.
-Не сум тука да разговарам за минатото. Ним одговорот им беше даден на 5 ноември. Оваа администрација е губитник. Не сум тука за да губам време на минатото. Треба да ме прашате за иднината, изјави Бериша пред албанскиот парламент.
Тој веднаш по победата на Доналд Трамп отворено изрази оптимизам дека таа одлука ќе биде укината, велејќи дека „ со победата на Трамп доаѓа ново време“.
-Подобро прашајте ме за администрацијата што доаѓа, но за администрацијата во заминување, не верувам дека останало нешто што не сум ви кажал. Не сакам сега да коментирам, може да кажам дека Ким (поранешна американска амбасадорка Јури Ким) тоа го напишала, па макар и малку сменето. Не сакам да трошам време да коментирам за администрацијата што си замина, рече Бериша.
Бериша и неговото семејство беа прогласени за „нон грата“ од САД за висока корупција и поткопување на демократијата на 19 мај 2021 година. Во јули истата година, под истото образложение тоа го стори и Велика Британија. вт/ссм/
Фото: Бериша ФБ