• недела, 22 декември 2024

Бериша: На 11 февруари  масовен антивладин протест и почеток на најсилната револуција во историјата

Бериша: На 11 февруари  масовен антивладин протест и почеток на најсилната револуција во историјата
 
 
Дебар, 1 февруари 2023 (МИА) - На 11 февруари во 12 часот ќе биде означен  почетокот на најмоќната револуција која Албанија ја познавала во својата историја, изјави лидерот на побројното крило на албанските опозициски демократи, Сали Бериша, најавувајќи одржување на масовен национален протест.
 
- На 11 февруари, Албанија ќе  маршира кон Тирана, каде ќе бидат преполни плоштадите и улиците, на национален протест каков што во земјата никогаш немала. Го поканувам секој Албанец во Албанија и каде и да е да се приклучи на овој протест против овој режим кој  кон Албанците се однесува на најмизерен начин, порача Бериша.
 
Според него време е опозицијата да проговори до "симнување на оваа гнила власт, до отстранување на овој срам кој нема ниту принцип, ниту норма".
 
Искажувајќи поддршка за протестот, лидерот на Партијата на слободата Илир Мета во изјава за медиумите рече дека протестот на 11 февруари ќе биде вистински ураган.
 
- Бидете сигурни дека оваа влада е одамна соборена, но го корумпираше и уценуваше поранешното раководство на опозицијата. Затоа продолжува како гнилеж кој смрди само на корупција, предавство, антидржавни, антинационални дела. Ништо не е случајно од овие кои произведуваат само сиромаштија, рече Мета.
 
Ова е последователен антивладин протест на опозицијата предводена од Бериша и Мета. Последниот беше одржан на 6 декември на денот кога во Тирана се одржуваше Самитот ЕУ-Западен Балкан. вт/

Остани поврзан