• четврток, 26 март 2026

Бериша на Собранието на ЕНП: Потребна е меѓународна мисија за утврдување факти за манипулациите на изборите

Бериша на Собранието на ЕНП: Потребна е меѓународна мисија за утврдување факти за манипулациите на изборите

Тирана, 3 јуни 2025 (МИА) – Претседателот на најголемата опозициска партија Демократската(ДП), Сали Бериша, на денешното Парламентарно собрание на Европските народни партии, искажал „огромна загриженост за политичката и институционалната состојба во Албанија, особено во врска со парламентарните избори одржани на 11 мај“.

Тој побарал од ЕНП да испрати мисија за утврдување факти во Албанија за да ја испита ситуацијата и да собере докази за изборните манипулации и врските на владата со организираниот криминал.

- Таквата мисија би била од извонредно значење, не само за Албанија, туку и за вашите земји, бидејќи Албанија извезува не само криминал и дрога, туку и масовна емиграција, нагласил Бериша.

Во својот говор, ја обвинил владата за масовна изборна манипулација, нагласувајќи дека „гласот беше мртов пред да влезе во гласачката кутија“.

Според него, целиот државен апарат се претворил во изборен корпус во служба на владејачката партија, додека владата користела неограничени финансиски и човечки ресурси за да влијае на резултатот.

Исто така, алармирал, за она што го нарекол „албанска нарко-држава“, обвинувајќи го премиерот Еди Рама, за масовно доделување лиценци за одгледување канабис и врски со меѓународни нарко-картели.

- Албанија е единствената нарко-држава во Европа. Нарко-картелите ги зазедоа пристаништата, имаат партнерства со полицијата, обвинителите, министрите и самиот премиер, обвинил Бериша.

Како заклучок, тој ѝ се заблагодарил на ЕНП за нејзината поддршка и за резолуцијата усвоена претходно, повикувајќи на нејзино продолжување со конкретни меѓународни активности.

Бериша претходно се изјасни дека не ги признава резултатите нарекувајќи ги изборни манипулации. Коалицијата предводена од ДП освои 50 додека партијата на Рама 83 од вкупно 140 пратенички места. вт/

Остани поврзан