• вторник, 05 ноември 2024

Бериша за масовен протест утре пред албанското Собрание, најблиските соработници против

Бериша за масовен протест утре пред албанското Собрание, најблиските соработници против

Тирана, 13 декември 2023 (МИА) - Со оглед на тоа што на утрешната пленарната седница на дневен ред се измените на Деловникот на Собранието со кои се предвидува изрекување построги мерки против пратеници кои предизвикуваат нереди, поранешниот албански премиер Сали Бериша на затворена седница на пратеничката група побарал „тој ден да биде врв на протестот на опозицијата со повикување на народот на масовен протест пред Собранието“.

Но, бидејќи Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, вчера официјално побара од Собранието овластување за апсење на Сали Бериша, на идејата за протест се спротивставил шефот на побројната пратеничка група на ДП, Газмент Барди.

-Протестот на секој граѓанин во овој момент ќе биде погрешно протолкуван од јавното мислење и оти битката на опозицијата не може да се меша со моментални акти. Стратегијата на опозицијата е да не биде под влијание на случајни настани, рекол Барди.

Дури и пратеникот Фламур Нока, кој е генерален секретар во групата „Обнова на ДП“, бил против организирање на протест.

По противењето на неговите најгласни поддржувачи, Бериша се повлекол од предлогот за народен протест велејќи „ дека не сака да ја води опозицијата на протест, што ќе изгледа како да се прави за него“, но сепак пратениците се согласиле утре да продолжат со опозициската акција во законодавниот дом.

СПАК, вчера побара овластување за издавање дозвола за определување мерка „куќен притвор“ за Сали Бериша.

Претходно, на Бериша, кој е пратеник, му беше изречена мерка задолжително јавување, првиот и третиот понеделник во месецот, што не ја почитуваше, како и забрана за напуштање на државата, под обвинение за „пасивна корупција“ и „злоупотреба на службената положба“, во врска со приватизацијата на спортскиот комплекс „Партизан“ во Тирана.

Парламентарната законодавно-мандатната комисија по ова барање ќе расправа во понеделник.

Адвокатот на Бериша(79), Генц Ѓокутај за Топ чанел изјави дека неговиот клиент не може да заврши во затворски притвор, бидејќи поради возраста тоа не го дозволува законот, додавајќи дека за лице повозрасно од 70 година максимумот е куќен притвор. вт/ссм/

Остани поврзан