• сабота, 21 декември 2024

Бени Ганц ја напушти владата на Нетанјаху

Бени Ганц ја напушти владата на Нетанјаху

Тел Авив, 9 јуни 2024 (МИА) - Лидерот на израелската опозиција Бени Ганц објави дека ја напушта владата за вонредна состојба на премиерот Бенјамин Нетанјаху формирана по нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на 7 октомври. Ганц вечерва изјави дека ја поднесува оставката оставката поради разликите во мислењата за иднината на Појасот Газа, пренесува ДПА.

Шеесет и петгодишниот поранешен министер за одбрана, претходно се закани дека ќе се повлече доколку владата на Нетанјаху не успее да подготви план за повоено уредување во Појасот Газа.

Ултиматумот што Ганц му го постави на Нетанјаху за ова прашање пред неколку недели истече во саботата. Сепак, поради драматичното спасување на четворицата израелски заложници од Појасот Газа, тој во последен момент ја одложи планираната прес-конференција.

Според Ганц, оставката од владата предводена од Нетанјаху ќе влијае и на другите членови од неговата партија Национално единство.

Сепак, неговото повлекување нема да значи и пад на владата, бидејќи Нетанјаху и неговите поддржувачи сè уште имаат мнозинство од 64 пратеници во 120 члениот парламент, и без партијата на Ганц.

Тој повика на предвремени избори. Смета дека „треба да има избори по кои ќе се формира влада која ќе ја има довербата на народот и ќе може да се соочи со предизвиците“.

Поранешниот генерал Ганц се приклучи на владата на Нетанјаху како министер без ресор по нападот на Хамас, со цел да испрати сигнал за единство. Центристичката партија Национално единство, предводена од Ганц, пред формирањето на владата за вонредна состојба, беше во опозиција.

Нетанјаху, по оставката Ганц, објави кратка пишана изјава во која го повика да не го „напушта фронтот“, но нагласува и дека неговото заминување нема да го загрози парламентарното мнозинство Кнесетот што го има владејачката десничарска коалиција.са/

Фото: МИА архива



Остани поврзан