• петок, 05 декември 2025

Бендевска – Џоу: Односите со Кина се базираат на меѓусебна почит и заемна поддршка

Бендевска – Џоу: Односите со Кина се базираат на меѓусебна почит и заемна поддршка

Скопје, 22 мај 2025 (МИА) - Потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, оствари средба со заменик-министерот за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина, Чен Џоу, кој е во посета на земјава.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствуваа и пратеничката Даниела Белимова и заменикот генерален секретар на Собранието, Бојан Стојаноски, при што беа разменети мислења за односите меѓу двете земји, за досегашната соработка на повеќе полиња и за можностите за нејзино продлабочување.

Заменик-министерот Џоу се согласил со оценката на потпретседателката Бендевска дека односите меѓу Република Северна Македонија и Народна Република Кина се базирани на два принципи: меѓусебна почит и заемна поддршка, уште од почетоците на независноста на нашата земја.

Потпретседателката Бендевска ги истакнала стратешките определби на нашата држава, како полноправна членка на НАТО и претендент за членство во ЕУ.

Во однос на билатералните односи, Бендевска посочила дека, иако остваруваме успешна соработка во многу области, како образованието, туризмот, здравството и културата, постојат можности за повисоки форми на економска соработка, односно за интензивирање и збогатување на размената меѓу двете држави.

Акцент бил ставен и на можностите за интензивирање на парламентарната соработка, меѓу другото и преку размена на искуства на одредени целни групи, како млади, жени, граѓански-организации или медиуми.

Во тој контекст, заменикот генерален секретар Стојаноски ги истакнал капацитетите на службата на Собранието на РСМ, посочувајќи дека е добредојдена размена на мислења и знаења, особено во насока на исполнување на стратешките правци на законодавниот дом. дма/са/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан