Белгија е подготвена да учествува во меѓународна мировна мисија во Украина
- Белгија е подготвена да учествува во меѓународна мировна мисија во Украина, изјави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, цитиран од локалните медиуми.

Брисел, 14 февруари 2025 (МИА) - Белгија е подготвена да учествува во меѓународна мировна мисија во Украина, изјави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, цитиран од локалните медиуми.
„Не исклучувам таков чекор, белгиската Влада планира да ја продолжи поддршката за Украинците, сакаме мир. Доколку Украина прифати мировен договор, ние со сугурност ќе размислиме (за учество во мировен контингент“, рече Франкен.
Тој соопшти дека очекува наскоро да отпатува за Киев заедно со белгискиот премиер Барт де Вевер. Медиумите забележуваат дека за време на претходната влада, Белгија ветила дека ќе испорача борбени авиони Ф-16 на украинската страна и веќе обезбедила два авиони за обука на украинските борбени пилоти.
Франкен додаде дека Белгија се стреми да ја развие својата противвоздушна одбрана по примерот на Израел, заедно со Холандија и Луксембург. Според него, можно е фабрика за автомобили во Брисел, чие затворање изгледа неизбежно, да биде претворена во монтажна лента за производство на муниција.
На прашањето дали стравува од војна во Европа, Франкен не ја исклучува таквата можност. Според него, заканата постои.
„Веќе се води хибридна војна“, рече Франкен.
Додаде дека до 2029 година се предвидува неговата земја да инвестира дополнителни четири милијарди евра во одбраната. рп/
Фото: МИА архива