• понеделник, 23 декември 2024

Белгискиот премиер Де Кро ја достави оставката до кралот Филип 

Белгискиот премиер Де Кро ја достави оставката до кралот Филип 

Брисел, 10 јуни 2024 (МИА) – Како и што најави синоќа по објавувањето на првичните резултати од вчерашните парламентарни, регионални и европски избори во Белгија на кои неговата партија Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) доживеа тежок пораз, белгискиот премиер Александер де Кро денеска му ја достави својата оставка на кралот Филип. 

Од Кралската палата во Брисел информираа дека за попладнево се предвидени средби на кралот со лидерите на трите партии што освоија најмногу гласови на изборите – Барт Де Вевер од националистичката Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Том Ван Грикен од екстремно десничарската Фламански избор (ВБ) и Жорж-Луј Бушез од валонското либерално Реформско движење (МР). 

По овие средби се очекува кралот Филип да именува т.н. информатор, кој ќе има задача во консултации со парламентарните партии да ги разгледа можностите за формирање ново парламентарно мнозинство. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во моментов е сигурно дека досегашната седумчлена „Вивалди“ владина коалиција не ќе може да опстои од причина, што партиите што ја сочинуваат повеќе немаат мнозинство во долниот дом на Федералниот парламент, Претставничкиот дом.  

Лидерот на Н-ВА, Де Вевер, чија партија ќе има најмногу пратеници во Претставничкиот дом, не ги крие своите амбиции да биде нов белгиски премиер во влада која би учествувале и двете либерални партии – РМ и Опен ВЛД и двете демохристијански партии – Христијански демократи и Фламанци  (ЦДВ) и валонската Посветени (ЛЕ).  

Иако, според Де Вевер неговата партија споделува „многу заеднички ставови“ со либералите и демохристијаните за „социо-економски и безбедносни прашања и за азилот и миграцијата“ и таквата сино-жолта „Шведска“ коалиција би била остварил, бидејќи би имала парламентарно мнозинство, сепак програмата и заложбите на Н-ВА, посебно оние за поголема автономија на Фландрија, не се целосно прифатливи за валонските партии. Дополнително, и Опен ВЛД на Де Кро најави дека по лошите изборни резултати планира да премине во опозиција. 

Другата можна коалиција, што математички би имала мнозинство, е онаа на Н-ВА со МР, ЦДВ, ЛЕ и фламанската социјалдемократска партија Напред (Воројт). Таквата, коалиција би имала мнозинство и на федерално ниво, но и меѓу пратениците од двете јазични заедници – холандската (фламанската) и француската (валонската). 

Во Претставничкиот дом на Федералниот парламент Н-ВА ќе има 24 пратеници, ВБ и МР по 20, валонската Социјалистичка партија (ПС) 16, левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА/ПТБ) 15, ЛЕ 14, Воројт 13 и ЦДВ 11 мандати. Опен ВЛД освои седум места, фламанските Зелени шест, валонската еколошка партија Еколо три и бриселската регионална либерална партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ) еден пратеник. 

Според конечните изборни резултати, Н-ВА покрај на федерално ниво најмногу гласови освои и во Фландрија, додека РМ победи во регионите Брисел и Валонија.  

И наспроти предизборните анкети кои укажуваа на сигурна победа на ВБ, Де Вевер успеа да направи пресврт во корист на својата Н-ВА и да го задржи приматот на најсилна партија во Фландрија што го има на неколку последни изборни циклуси. Н-ВА освои 23,9 отсто од гласовите, а ВБ – 22,7 проценти. 

Доколку Опен ВЛД остане да определбата да премине во опозиција и на федерално и на регионално ниво, тогаш Н-ВА би можела да формира коалициска влада со Воројт и ЦДВ. Таквата коалиција би имала 65 пратеници или два повеќе од неопходните 63 за парламентарно мнозинство. 

Во Парламентот на Фландрија Н-ВА и ВБ ќе имаат по 31 пратеник, Воројт 18, а ЦДВ 16 мандати. Опен ВЛД, ПБДА/ПТБ и Зелените ќе имаат по девет места, а еден мандат освои листата „Тим Фуад Ахидар“. 

Победата на МР во Брисел и Валонија, пак, ги зајакна позициите на Жорж-Луј Бушез, кој би можел да пројави амбиции за премиерската функција. Во негов прилог оди и податокот што листата на РМ на европските избори, предводена од поранешната премиерка Софи Вилмес освои 543.821 глас, што претставува рекордна бројка во „францускиот“ изборен колеџ за Европскиот парламент. 

МР веројатно нема да ја пропушти шансата да го преземе раководењето со регионалната Влада од социјалистите, при што партијата би можело да коалицира со демохристијаните од Посветени (ЛЕ).   

Претпладнево Бушез изјави дека никогаш не го криел фактот дека МР има заеднички работи со ЛЕ. 

- Резултатите овозможуваат мнозинство со помалку партии. Можеме да работиме на тоа. Тоа е и сигналот на гласачите. Тоа е сосема очигледно, рече Бушез, додавајќи дека е можно многу брзо да има влади на сите ниво. 

И ЛЕ не ја отфрли можноста за коалицирање со либералите, посочувајќи дека „во Валонија нема потреба од трета страна“ за формирање влада. 

Во валонскиот Парламент МР ќе има 26 места, пред ПС со 19, ЛЕ со 17, ПРВА/ПТБ со осум и Еколо со пет пратеници. 

Но, ако коалиција само меѓу либералите и демохристијаните е можна во Валонија, во Брисел МР таквиот блок не би можел да обезбеди мнозинство дури и ако се зајакне со ДЕФИ. Во такви услови лидерот на МР во Брисел, Давид Лејстер ќе мора да преговара за првиот човек на бриселските социјалисти Ахмед Лавеј.  

Лејстер претпладнево изјави дека веќе ги оствариле првите контакти со неколку партии. 

- Нашите гласачи ни дадоа силен резултат, тоа е вистинска победа. Ова треба да ни овозможи да ги наметнеме нашите реформи. Нашите партнери ќе мора да прифатат дека е потребна промена, изјави Лејстер, посочувајќи дека не ја исклучува можноста за коалиција со ПС и ЛЕ. 

Досега на чело на бриселската регионална Влада беше социјалистот Руди Вервурт. 

Но, интерес за учество во бриселската владата пројавија и Зелените, кои освоија најмногу гласови меѓу холандофонските гласачи во Брисел.  

- Имаме резултат што е речиси двојно подобар. Ќе биде тешко (со МР), но ние ги имаме картите што гласачите ги ставија на маса, изјави лидерката на бриселските Зелени и актуелна министерка за мобилност на Брисел, Елке Ван ден Брант. 

Во идниот Парламент на Брисел, МР ќе има 20 мандати, ПС 16, ПВДА/ПТБ 15, ЛЕ осум, Еколо седум и ДЕФИ шест пратеници. Натаму следуваат Зелените со четири, листата „Тим Фуад Ахидар“ со три, Н-ВА, Опен ВЛД, ВБ и Воројт со по два и ЦДВ со еден пратеник. 

Кога станува збор за изборите за членови на Парламентот на германската задница центристичката демохристијанска партија За германската заедница (ПРОДГ) освои осум пратеници, пред конзервативната демохристијанска Христијанско-социјалната партија (ЦСП) со пет, социјал-либералната Вивант со четири, Социјалистичката партија (СП) и конзервативно-либералната Перспектива Слобода Прогрес (ПФФ) со по три и Еколо со два мандати.  

Инаку, освен оставката на Де Кро на премиерската функција, денеска оставки од функциите имаше и во неколку партии. Така, претпладнево колективна оставка понесе целокупното раководство на неговата Опен ВЛД, а од функциите се повлекоа и ко-лидерите на Еколо, Жан-Марк Ноле и Раџа Мауан, како и првиот човек на ДЕФИ, Франсоа Де Смет. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан