• петок, 22 ноември 2024

Бела куќа: САД и натаму се загрижени за ситуацијата во Израел

Бела куќа: САД и натаму се загрижени за ситуацијата во Израел

Вашингтон, 28 март 2023 (МИА) – Белата куќа, преку својот портпарол, Џон Кирби, порача дека САД и натаму се загрижени за ситуацијата во Израел, а претседателот Џо Бајден својата загриженост за предложените судски реформи во оваа земја ги сподели директно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Британските медиуми пренесуваат дека поради настаните во земјата во последните неколку дена Кирби  повика на компромис од сите страни.

Нетанјаху вчера за еден месец ја одложи владината одлука за спроведување на жестоко оспорените планови за реформи во правосудството, пред се, поради стравувањата дека најтешката криза во земјата во последните години може да ја растури неговата коалиција или да ескалира во насилство.

-Ние бевме многу јасни приватно, се разбира, со израелските лидери, како и јавно, за нашата загриженост за она што се случи во оваа земја во последните 48 часа, и повторно силно ги повикуваме израелските лидери на компромис, рече Кирби.

Тој нагласи дека Бајден бил „многу отворен“ со Нетанјаху во врска со неговите грижи.

Кирби додаде дека Израел е поканет на Самитот за демократија на кој САД неделава ќе бидат домаќини. сд/

Остани поврзан