• петок, 26 јули 2024

Бектеши: Создаваме предвидлива бизнис клима за компаниите за реализација на нивните инвестиции

Бектеши: Создаваме предвидлива бизнис клима за компаниите за реализација на нивните инвестиции

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Имаме солидна институционална рамка и стратегија за унапредување и поддршка на инвестициите. Со мерките и политиките кои ги носиме негуваме врски помеѓу локалните и мултинационалните фирми, а нудиме и предвидливост за инвеститорите за реализација на нивните инвестициски проекти, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши. 

-Со Законот за финансиска поддршка на инвестиции, освен стабилност и сигурност Северна Македонија нуди и предвидливост за инвеститорите за реализација на нивните инвестициски проекти, што во крајна цел ќе значи отворање на нови работни места и позитивен импакт на целата економија, рече Бектеши во обраќање на бизнис настанот SUBEX – Suppliers Balkan Expo во организација на Македонско-германското стопанско здружение АХК.

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, како што кажа, се обезбедува финансиска поддршка за инвестиции и конкурентност, и тоа за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработката со добавувачи регистрирани во земјава. 

-Исто така се поддржуваат и преку активната економска политика за развој на кластери што е вклучен сегмент во Индустриската стратегија, како и Стратегијата за иновации што ја поддржува интеграцијата на локалните компании во глобалните синџири на вредности и Стратегијата за конкурентност која особено има за цел да создаде атрактивно деловно опкружување за странските инвеститори преку реформи и јавен приватен дијалог, мобилизација на дознаки од дијаспора и подобрување на собирањето податоци, рече Бектеши.

Нагласи дека земјава континуирано дава поддршка на компаниите кои се извозно ориентирани и кои реализираат инвестиции.

-Северна Македонија прави големи напори со институциите да овозможи најдобри услови за работа на македонскиот пазар. Најважно од се е компаниите кои ќе решат да инвестираат да имаат предвидлива бизнис клима, посочи Бектеши и додаде дека е важна соработката помеѓу компаниите во регионот за, како што рече, да дадат дополнителна додадена вредност во синџирите на снабдување што е клучно барање на компаниите од ЕУ.

Директорката на АХК, Антје Ванделт истакна дека во изминатите години македонските компании се соочуваа со предизвици при изнаоѓање на нови партнери за извоз, како и за проширување на своите бизнис активности надвор од границите на својата земја и регионот.

-Најновите случувања во Европа и светот доведоа до сериозни нарушувања во стопанството, кое секојдневно се соочува со предизвици како последица на војната во Украина која сериозно го наруши европскиот синџир на снабдување, но и екстремно ги зголеми цените на енергија и енергенси. Балканот е фокус во потрагата по стабилни компании добавувачи, но и пазари за инвестирање каде европските компании може да ги префрлат своите производствени капацитети, рече Ванделт.

Дека има голем интерес за инвестиции во земјава, како што кажа, говорат и бројките.

-Извозот од Северна Македонија во Германија е зголемен за повеќе од трипати во последните 10 години и денес достигнува 4,8 милијарди евра. Во последните две години, повеќето германски инвеститори кои веќе работат во земјата енормно ги проширија своите производствени капацитети. Додека претходно германските инвеститори претежно беа од автомобилската индустрија сега имаме се поголема диверзификација. Новите германски инвеститори се од други сектори, како што е најсовремено производство на батерии, текстил, кабли и медицинска опрема, прецизира Ванделт. 

Сметаме, додаде, дека настан како SUBEX е одлична можност да се даде поддршка на домашните стопанственици од преработувачка и ИТК индустрија.

-Овие два дена ќе се одржат седум панели, повеќе од 250 Б2Б средби, саем за компании изложувачи и саем за кариерен развој и вработување, посочи Ванделт.

Германскиот заменик-амбасадор Ото Граф истакна дека Германија и Северна Македонија се силни бизнис партнери.

-Германските инвестиции на почетокот на годинава најчесто беа во делот на автомобилскиот сектор. Сега е тешко да се најде соодветна работна сила и затоа големите инвеститори веќе не инвестираат. На нивно место доаѓаат помалите инвеститори кои можат да најдат работна сила со соодветни вештини. Мислам дека тоа е добра можност за инвестирање бидејќи овозможува диверзификација на индустријата, рече Граф.

Посочи дека сега во земјава има и германски компании во делот на технологијата за производство на батерии кои дури вршат истражувања и развој, има компании кои инвестираат во медицинскиот сектор, во микс од медицинскиот и текстилниот сектор,...

-Сега имаме многу можности и е време за напредок, а токму SUBEX е многу добра платформа за да се најдат локални добавувачи, бидејќи инвестициите најмногу се поврзуваат со локалната економија, порача Граф.

АХК денеска и утре во Скопје го организира вториот бизнис настан Suppliers Balkan Expo- SUBEX. Цел на овој бизнис настан е поврзување на домашните компании добавувачи од металната, електро, ИТ, текстилна, дрвна и прехранбена индустрија со компании купувачи од Германија, Романија, Албанија, Косово, Србија, Белгија и Австрија.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан