• понеделник, 23 декември 2024

Бајрами за МИА: НБ е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим

Бајрами за МИА: НБ е професионална институција, зад сите одлуки стои цел тим
Скопје, 21 февруари 2021 (МИА) - Народната банка во наредниот период ќе продолжи со олабавената монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и задржување на стабилниот девизен курс на денарот. Во интервју за МИА, ова го истакнува вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами, кој нагласува дека зад сите одлуки на Народната банка стои цел професионален тим. - Народната банка е професионална институција со институционален капацитет којшто се градел и се гради во континуитет, што е предуслов за успешно извршување на законските цели и задачи. Зад сите одлуки на Народната банка стои цел тим со повеќегодишно искуство и експертиза. Ова е потврдено и преку оценките на релевантни меѓународни институции. Актуелната криза покажа дека Народната банка е подготвена за успешно и ефикасно функционирање и во најсложени услови и ситуации. Со навремени и соодветно осмислени мерки, во рамките на своите надлежности, Народната банка обезбеди соодветна поддршка за економијата и за граѓаните за полесно пребродување на предизвиците што ги наметна пандемијата, вели Бајрами. Во интервјуто тој говори и за случајот со одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“, за невистините што се пласираат во јавноста во врска со работата на деловните банки и на Народната банка и нејзиното раководство, како и за негативните ефекти што може тие да ги имаат врз стабилноста на банкарскиот систем. Во сиот изминат период, и од меѓународните институции се нагласува дека е клучно финансиската стабилност да се задржи во текот на здравствената криза. Каков е капацитетот на нашиот финансиски систем сега, веќе речиси една година по почетокот на кризата? - Најновите податоци, како и анализите на Комитетот за финансиска стабилност го потврдуваат заклучокот дека финансискиот систем го издржа и соодветно му одговори на ударот предизвикан од кризата во 2020 година и дека тој има капацитет за справување со натамошни предизвици, а воедно претставува и движечка сила за заздравување на економијата, што ќе следува по периодот на неизвесноста предизвикана од пандемијата. Во тој контекст, особено е важно што банкарскиот систем, којшто претставува клучен и најважен дел од финансискиот систем, ја потврди отпорноста на шокови. За ова придонесоа и регулаторните барања и реформите коишто беа спроведени во оваа област во изминатите години. Затоа сосема реално е да се очекува дека токму банкарскиот систем, задржувајќи ја солидната стапка на кредитен раст од околу 6 отсто на годишно ниво, ќе биде оној што ќе ја обезбеди клучната поддршка за економијата за нејзино враќање на патеката на економски раст, одговарајќи им соодветно, како и досега, на потребите на граѓаните и на деловните субјекти. Исто така, сосема реално е да очекуваме дека паралелно со растот на кредитната активност, и во наредниот период ќе растат и заштедите на граѓаните и компаниите во домашните банки. Минатата година се затвори една банка во земјата. Меѓународните финансиски институции ѝ дадоа целосна поддршка на Народната банка, но сѐ уште има одредени реакции од некои засегнати страни. Како гледате на ова од временска дистанца? - Ваквите одлуки се донесуваат многу внимателно, со многу претходни анализи и откако ќе бидат исцрпени сите други мерки коишто можат да бидат применети за конкретната ситуација во која се наоѓа одредена деловна банка. Како дел од раководниот тим на Народната банка, категорично тврдам дека во случајот на „Еуростандард банка“, постапивме согласно со законските надлежности коишто ги има Народната банка, како и согласно со најдобрите меѓународни практики во оваа област. Сите мерки што се изречени кон „Еуростандард банка“, а коишто произлегуваат од супервизорските контроли што се спроведувани во периодот од 2013 до 2020 година, беа насочени кон тоа да ѝ овозможат на Банката да работи подобро и да ја задржи својата стабилност, што во крајна линија е во интерес на сите – на нејзините клиенти, штедачи, вработени, акционери, деловни партнери и на останатите субјекти во банкарскиот и финансискиот систем на земјата. Но, кога се исцрпени сите други опции, како што беше и во случајот со споменатата банка, тогаш Народната банка нема друг избор, освен да донесе и вакви одлуки. Јасно е дека ова се непопуларни и најмалку посакуваните одлуки, но има ситуации кога тие се неизбежни и се наша законска обврска, затоа што со нив во суштина се спречуваат поголеми штети. Впрочем, во текот на минатата година дојде до затворање на повеќе деловни банки и во земјите од Европската Унија, но таму никој не се сети да ја побара одговорноста за тоа кај регулаторот, односно кај централната банка. Да повторам нешто што и досега сме го нагласувале. Во конкретниот случај на „Еуростандард банка“, оценките на реномирани меѓународни финансиски институции, како што е Меѓународниот монетарен фонд, јасно посочуваат дека Народната банка постапи професионално и соодветно. Истовремено, ММФ и експертите се децидни дека Народната банка не може да биде одговорна за одлуките и ризиците што ги презеле сопствениците и раководните луѓе на деловната банка, како и за евентуални други незаконски дејствија за чие откривање и санкционирање централната банка нема ниту соодветна експертиза, ниту законски надлежности, а коишто се во доменот на други институции. Впрочем, како што кажавме во повеќе наврати, Народната банка секогаш кога имаше сомнеж за нерегуларности во работењето коишто се во надлежност на други институции, ги известуваше за тоа надлежните државни органи, односно институции. Во изминатиот период во јавноста се појавија и одредени шпекулации поврзани со работата на деловни банки, во врска со стабилноста на банкарскиот систем, како и за работењето на Народната банка и на нејзиното раководство. Како ги доживувате овие шпекулации и каков е нивниот можен ефект? - Општо познато е дека шпекулациите и невистините коишто вие ги наведувате во вашето прашање можат да ја нарушат довербата на граѓаните и компаниите во банкарскиот систем на една земја, којашто од своја страна има значително влијание врз неговата стабилност. Оттаму, би рекол дека од исклучително значење за задржување на стабилноста на банкарскиот и на вкупниот финансиски систем е да се спречи ширењето шпекулации за состојбите во банкарскиот сектор, како и за Народната банка, на што сме сведоци во изминатиот период. За банкарскиот систем секогаш треба да се користат релевантни извори на информации. Би посочил на конкретни показатели – стапка на солвентност од околу 17 отсто, ликвидна актива којашто учествува со околу 30 проценти во вкупната актива, ниско учество на нефункционалните кредити во вкупните кредити од 3,4 отсто и солидна профитабилност. Ваквите показатели се објективната слика за банкарскиот систем. Народната банка е професионална институција со институционален капацитет којшто се градел и се гради во континуитет, што е предуслов за успешно извршување на законските цели и задачи.. Зад сите одлуки на Народната банка стои тим со повеќегодишно искуство и експертиза. Ова е потврдено и преку оценките на релевантни меѓународни институции. Сметам дека сите ние како граѓани мора да бидеме општествено одговорни кон сето она што е од клучно значење за сите нас и за земјата во целина, како што е стабилноста на банкарскиот систем и притоа да ги засноваме своите видувања врз објективни и проверени информации. Оттаму, во повеќе наврати во изминатиов период ги демантиравме и сите невистини коишто за жал се изнесуваат за банкарскиот систем, за Народната банка и за нејзиното раководство. Корона-кризата наметна многу предизвици и потреба од навремена реакција на носителите на политиките, за да можат економиите да се справат со шокот. Од одредена временска дистанца, како гледате на ефектите од мерките на Народната банка преземени од почетокот на пандемијата наваму? - Ефектите потврдуваат дека како централна банка, во рамките на нашите надлежности, обезбедивме соодветна поддршка за економијата и за граѓаните за полесно пребродување на шокот и предизвиците што ги наметна пандемијата. Кога го говорам ова, пред сѐ мислам на мерките што како централна банка ги спроведовме во текот на минатата година, како што беше намалувањето на основната каматна стапка на најниско ниво досега и пласирање дополнителни ликвидни средства во банкарскиот систем, а преку него и во економијата, како и олеснување на банкарската регулатива со која се овозможи привремено одложување на кредитните обврски на граѓаните и компаниите кои беа најмногу погодени од кризата. Ваквите мерки на Народната банка овозможија натамошен тренд на зголемување на кредитната поддршка на компаниите и домаќинствата од минатите години, но истовремено доведоа и до натамошно намалување на каматните стапки на банкарските кредити, коишто токму во овој период достигнаа историски најниски нивоа. Со други зборови, како централна банка и им помогнавме на граѓаните и на компаниите, како и на општеството во целина, да останат „на нозе“ и да бидат доволно силни за натамошен раст и развој откако ќе исчезнат предизвиците наметнати од пандемијата. Впрочем, и споредбата со мерките што ги презедоа другите централни банки во регионот и пошироко го потврдува ова. Што очекувате за оваа година – ќе има ли и натаму простор Народната банка да ја поддржува економијата во справувањето со предизвиците што ги задава пандемијата? - Ние постојано, внимателно и темелно ги следиме состојбите и подготвени сме, доколку е потребно, да извршиме соодветно приспособување на монетарната поставеност. Она што секако е јасно и што го покажуваат глобалните текови, е дека монетарната политика треба и натаму да биде олабавена за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае неизвесноста околу завршувањето на пандемијата, но и во периодот потоа. Во согласност со ваквите текови, ние ќе продолжиме со олабавената монетарна политика, преку одржување соодветно, високо ниво на девизни резерви и задржување на стабилниот девизен курс на денарот. Секако, во секој момент сме подготвени да примениме и други соодветни мерки коишто се во наша надлежност и коишто би дале соодветни резултати. Проекциите на Народната банка посочуваат на натамошен раст и адекватност на девизните резерви. Дали тоа значи и стабилен денар? - Секако. Сегашното, високо ниво на девизни резерви, како и плановите и проекциите за нивното движење во натамошниот период се цврста гаранција за стабилноста на денарот. Кога станува збор за вредноста на домашната валута, не треба да има никакви дилеми дека таа и понатаму ќе биде стабилна. Ќе има ли некаков ефект процесот на вакцинација врз економијата и врз очекувањата на НБ со последните проекции? - Веќе е општо познато дека интензитетот и случувањата поврзани со здравствената криза имаат големо влијание врз економските движења. Оттаму, спроведувањето на вакцинацијата, којашто е една од клучните стратегии за справување со пандемијата на Ковид-19, несомнено ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната економија којашто е зависна од случувањата на меѓународен план. Конкретно, вакцинацијата може да претставува позитивен сигнал што ќе ги поттикне оптимистичките прогнози и со тоа дапридонесе и за уште побрзо економско закрепнување отколку што првично се очекуваше. Но, сепак сѐ уште е рано да се прејудицираат такви ефекти, дури не се добие појасна слика за здравствените ефекти од вакцинацијата врз интензитетот на пандемијата. Во секторот за којшто сте задолжен во Народната банка е и Дирекцијата за информатичка технологија. Условите на „новата нормалност“ наметнаа низа предизвици за соодветна ИТ-поддршка за непрекинатост во работењето на институциите. Како им одговоривте на предизвиците од овој аспект, за да се придонесе за работењето на централната банка во овој период? - Оваа криза покажа дека Народната банка е подготвена успешно и ефикасно да функционира и во најсложени услови и ситуации. Во Банката веќе години наназад постои развиен план со чие спроведување се гарантира работење без прекин, за што во изминатите години се спроведуваат редовни тестирања на системите од кои зависи нејзината непрекината работа. Друга олеснителна околност беше и тоа што најголемиот дел од работењето на Народната банка, особено во делот на комуникацијата и размената на податоци со деловните субјекти и останатите институции коишто се дел од финансискиот систем, веќе беше дигитализиран пред започнувањето на кризата. Тоа ѝ овозможи на Народната банка да продолжи со непречена ефикасна работа и комуникација и откако беа воведени ограничувањата што ги наметна здравствената криза. Поголемиот дел од вработените во Народната банка имаа можност и пред оваа криза да работат надвор од работните простории, што секако беше брзо овозможено и за останатите вработени, веднаш откако беа воведени мерките за заштита од вирусот. Исто така, Народната банка и во вакви услови непречено продолжи со извршувањето на сите активности со кои се гарантира сигурноста на нејзиниот ИТ-систем, што секако има влијание и за сигурноста на целокупниот финансиски систем на земјата, како и со итна измена на постоечките софтверски апликации и нивно приспособување кон мерките за надминување на корона-кризата, како што беше мерката со која се овозможи одложување на плаќањето на ратите на кредитите. Сето ова беше возможно благодарение на високата стручност на тимот на Дирекцијата за информатичка технологија на Народната банка којшто се состои од повеќе од 15 програмери и друг технички кадар, кои постојано развиваат и одржуваат голем број апликации и се грижат за непрекинато и ефикасно функционирање на ИТ-системот на банката. Забрзаната дигитализација може да се искористи и за развој на економијата, велат анализите. Очекувате ли дека ова може да придонесе за развојот на нашата економија во посткризниот период? - Искуството покажува дека секоја криза, покрај големите предизвици, носи и одредени можности од кои можат да произлезат и одредени придобивки и да се извлечат некакви поуки. Оттаму, нема сомнение дека забрзаната дигитализација е придобивка од оваа криза. Таа може значително да придонесе за брзината на економското заздравување на нашата економија во посткризниот период, особено преку поттикнување на финансиските иновации и поголема финансиска инклузивност, со што дополнително може да се забрза целокупниот иден развој на нашата економија и на земјата во целина. На пример, во делот на банкарското работење, треба да се очекува од банките и натаму да бидат посветени на процесот на дигитализација на услугите, особено ако се земе предвид фактот дека пандемијата значително ги промени платежните навики на граѓаните во поглед на зголеменото користење платежни картички и е-плаќањата. Сузи Котева Стоименова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан