• недела, 22 декември 2024

Бајден ќе предложи задолжителен етички кодекс и ограничувања на мандатот за судиите на Врховниот суд

Бајден ќе предложи задолжителен етички кодекс и ограничувања на мандатот за судиите на Врховниот суд

Вашингтон, 29 јули 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе му предложи значајни реформи на Врховниот суд, вклучително ограничување на мандатот за судиите и обврзувачки кодекс на однесување за деветте судии, објавија британските медиуми. Сепак, поради големата поделеност во Конгресот, мали се шансите да поминат промените.

Во говорот во претседателската библиотека Линдон Б. Џонсон во Остин, Тексас, Бајден ќе предложи промени и уставен амандман за отстранување на претседателскиот имунитет.

-Овој народ е основан на едноставен, но мудар принцип: Никој не е над законот. Ниту претседателот на САД, ниту судијата на Врховниот суд на Соединетите држави. Никој, рече Бајден во написот на Вашингтон пост објавен денеска.

Повикот на Бајден за реформи доаѓа една недела откако тој се откажа од претседателската трка и ја поддржа потпретседателката Камала Харис за демократската претседателска номинација за да се соочи со републиканскиот кандидат Трамп на изборите во ноември.

Повикот доаѓа и откако Врховниот суд пресуди дека абортусот не е уставно право и други пресуди кои ја блокираа агендата на Бајден за имиграцијата, студентските кредити, задолжителните вакцини и климатските промени.

За разлика од другите членови на федералното правосудство, судиите на Врховниот суд, кои ја извршуваат функцијата доживотно, не се обврзани со етички кодекс на однесување. Според законот, тие се обврзани да пријават споредни приходи и одредени подароци, со општ исклучок на прифатените покани за ручеци и вечери и гостувања на имот на трето лице.

Бајден ќе го повика Конгресот да донесе законски обврзувачки и применливи правила кои ќе бараат од судиите да пријават подароци, да се воздржуваат од политички активности и да се отфрлат од случаи кои претставуваат финансиски или друг конфликт на интереси за нив или за нивниот сопружник, соопшти Белата куќа.

Шефот на државата, исто така, ќе го повика Конгресот да донесе ограничување на мандатот од 18 години за судиите на Врховниот суд, соопшти Белата куќа.

Бајден ќе предложи и уставен амандман за да се разјасни дека дури и ако некое лице ја извршувало функцијата претседател, тоа не треба да гарантира имунитет од федерално кривично гонење, судење, обвинение или осуда.

Американскиот Врховен суд овој месец пресуди дека Трамп не може да биде кривично гонет за дејствија кои биле во рамките на неговите уставни овластувања како претседател. Тоа беше историска одлука со која за прв пат беше признаена форма на претседателски имунитет од гонење. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан