• петок, 22 ноември 2024

Бајден претстави предлог за примирје и ослободување на заложниците, апелираше до Хамас да го прифати

Бајден претстави предлог за примирје и ослободување на заложниците, апелираше до Хамас да го прифати

Вашингтон, 31 мај 2024 (МИА) – Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во Белата куќа го претстави најновиот предлог за договор за ослободување на заложниците и прекин на огнот во Газа, кој изминатите неколку дена го одобри Израел и апелираше до Хамас да го прифати.

Тоа е договор „кој ги носи сите заложници дома, ја обезбедува безбедноста на Израел, создава подобар ден потоа во Газа без Хамас на власт и го отвора патот за политичко решение кое обезбедува подобра иднина за Израелците и Палестинците, рече Бајден, пренесе Бета.

- Израел сега понуди сеопфатен нов предлог. Тоа е патоказ за одржлив прекин на огнот и ослободување на сите заложници. Предлогот беше испратен преку Катар до Хамас, рече американскиот претседател.

Тој наведе дека предлогот има три фази и оти „првата фаза ќе трае шест недели, вклучувајќи целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области во Газа, ослободување на одреден број заложници, вклучително и жени, стари, ранети и ослободување на стотици палестински затвореници“.

Бајден додаде дека американските заложници ќе бидат меѓу ослободените во првата фаза и оти посмртните останки на некои од убиените ќе бидат вратени на нивните семејства.

- Палестинските цивили ќе се вратат во своите домови и населби во сите делови на Газа, вклучително и на север, рече Бајден и најави дека секој ден ќе се доставуваат 600 камиони хуманитарна помош.

За време на првата фаза, Израел и Хамас „ќе преговараат за неопходните аранжмани за да стигнат до втората фаза, која е траен прекин на непријателствата“, објасни американскиот претседател, додавајќи дека преговорите ќе бидат тешки и дека постои можност продолжување на првата фаза на подолго од шест недели.

САД, Египет и Катар ќе работат на тоа да обезбедат разговорите да продолжат додека не се постигне договор.

Кога тоа ќе се случи, ќе почне втората фаза во која ќе бидат ослободени сите преостанати живи израелски заложници, вклучително и машки војници. Во таа фаза од Газа ќе се повлечат и израелските сили.

Бајден рече дека привремениот прекин на огнот ќе стане траен доколку Хамас ги исполни своите обврски.

- На крајот, во третата фаза ќе почне големиот план за обнова на Газа, а преостанатите посмртни останки на заложниците кои беа убиени ќе им бидат вратени на нивните семејства, рече Бајден. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан