• понеделник, 23 декември 2024

Бајден за пристапот на Нетанјаху во војната во Газа: Мислам дека тоа што го прави е погрешно

Бајден за пристапот на Нетанјаху во војната во Газа: Мислам дека тоа што го прави е погрешно

Вашингтон, 10 април 2024 (МИА) - Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа е „погрешен“, изјави американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Унивизион, американската ТВ мрежа на шпански јазик, што беше објавен вчера, притоа нудејќи дополнителни критики за справувањето со конфликтот од страна на Израел.

-Мислам дека тоа што го прави е погрешно. Не се согласувам со неговиот пристап, изјави Бајден за Унивизион.

Американскиот претседател, исто така, претходно израелското бомбардирање на Газа го нарече „неселективно“, а неговите воени дејствија „претерани“.

Белата куќа минатата недела објави дека претседателот во разговор со Нетанјаху се заканил дека американската поддршка за израелската офанзива ќе ја условува со преземање конкретни чекори за заштита на хуманитарните работници и цивилите. Тој повик уследи по израелскиот воздушен напад во кој загинаа седуммина вработени во хуманитарната група World Central Kitchen.

-Она на што повикувам е Израелците само да повикаат на прекин на огнот, да дозволат во следните шест до осум недели целосен пристап до сета храна и лекови што влегуваат во земјата, рече Бајден во интервјуто.

Израелскиот воен напад врз Газа е предмет на зголемени меѓународни критики. На домашен план, Бајден, исто така, се соочи со повеќемесечни протести на антивоени активисти, муслимани и арапски Американци низ целата земја, кои бараа траен прекин на огнот во Газа и ограничувања на американската воена помош за Израел.

САД традиционално го штитат Израел во Советот за безбедност на ОН и ставија вето на три нацрт-резолуции за војната во Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан