• недела, 22 декември 2024

Бајден би можел да ги оданочи екстрапрофитите на енергетските компании

Бајден би можел да ги оданочи екстрапрофитите на енергетските компании
Вашингтон, 31 октомври 2022 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе ја соопшти можноста за воведување данок на екстрапрофитот што го остваруваат енергетските компании доколку не го зголемат домашното производство, изјави извор директно запознаен со одлуката. Администрацијата на Бајден се обидува да се справи со високите цени на горивата на пумпите, една седмица од т.н. конгресни избори во САД. Извор од Белата куќа кој инсистира на анонимност, изјави дека Бајден денеска ќе и се обрати на јавноста во врска извештаите од претходните денови дека големите нафтени компании остваруваат рекордни профити, а одбиваат да му помогнат на американскиот народ со намалување на цените. Според изворот, Бајден ќе ја спомене можноста за воведување данок на добивката на енергетските компании, со цел да изврши притисок врз нив да ги намалат потрошувачките цени. „Претседателот повторно ќе ги повика нафтените и гасните компании да ги инвестираат своите рекордни профити во намалување на трошоците за американските семејства и зголемување на производството“, рече анонимниот функционер на Белата куќа, додавајќи дека доколку не го сторат тоа претседателот ќе го повика Конгресот да размисли за наметнување казни и други ограничувања. Бајден во саботата преку Твитер објави дека „нафтените компании оствариле милијарди долари профит овој квартал“ и оти „ги користат рекордните профити за да ги исплатат своите богати акционери наместо да инвестираат во производството и да ги намалат трошоците за Американците“. „Тоа е неприфатливо. Време е тие компании да ги намалат цените на пумпите“, додаде Бајден. Високите вени на горивата ја зголемија инфлацијата, што лошо се одрази на популарноста на Бајден и на американската Демократска партија кај гласачите. Конгресот би морал да ја поддржи секоја нова даночна мерка во енергетската сфера, што е малку веројатно да се случи со оглед на тенкото мнозинство демократи во двата дома на Конгресот, а ќе биде уште потешко ако републиканците на „мидтрм“ изборите преземат контрола врз барем еден од тие два дома. аб/

Остани поврзан