• недела, 22 декември 2024

Бартомеу: Меси останува, но многу други ќе си заминат

Бартомеу: Меси останува, но многу други ќе си заминат
Барселона, 18 август 2020 (МИА) - Претседателот на Барселона, Пеп Бартомеу, ги расветли плановите на клубот за трансфер пазарот. По поразот од 2: 8 од Баерн (Минхен), се очекува вистинска револуција на „Камп Ноу“, која веќе започна со разрешувањето на Кике Сетиен и доаѓањето на Роналд Коман. Промените ќе вклучуваат разделба со многу играчи, но Бартомеу ги увери фановите дека суперѕвездата Лионел Меси нема да биде меѓу нив. - Меси останува најдобриот фудбалер на светот. Тој е број еден и игра за нашиот клуб. Секој знае дека Лео има договор до 2021 година. Честопати разговарам со Меси и неговиот татко. Тие знаат дека во тимот доаѓа нов тренер. Меси сака да ја заврши кариерата во Барса. Тој тоа го кажал многу пати. Имав разговор со Куман, кој истакна дека Меси ќе биде во срцето на неговиот проект, изјави Бартомеу. Разни извори тврдат дека Манчестер Сити и Интер се подготвени да излезат со понуди за размислување за Аргентинецот, доколку тој сепак одлучи да ја напушти Барселона. Сепак, шансата за тоа да се случи е минимална. Според Бартомеу, тие немаат намера да ги продадат Антоан Гризман, Усман Дембеле, Климент Ленгле и Нелсон Семедо на „Камп Ноу“. Марк-Андре тер Штеген сигурно ќе го обнови својот договор. Се очекува Хенрик Ларсон да биде назначен за асистент на Роналд Коман. На врвот на списокот со посакувани нови засилувања на Холанѓанецот е неговиот сонародник Дони ван де Бик од Ајакс. Артуро Видал и Иван Ракитиќ сигурно ќе заминат. Самиот Бартомеу призна дека Барселона ќе има поинаков изглед во новата сезона и многу од сегашните стартери ќе заминат. - Загубивме околу 200 милиони евра поради КОВИД-19, но ќе успееме. Одлучив да не поднесувам оставка за доброто на клубот. Тоа би било бегство од одговорност. Времето на некои играчи во Барса истече. Ќе ги најдеме нивните заменици и ќе сметаме на нови лидери, кои ќе го влечат тимот напред. После поразот на „Енфилд“ минатата година, не презедовме драстични мерки, но тоа ќе го сториме сега, рече Бартомеу.

Тагови

Остани поврзан