• четврток, 21 ноември 2024

Банди јужноамерикански крадци оперирале за време на ОИ во Париз

Банди јужноамерикански крадци оперирале за време на ОИ во Париз

 

Париз, 4 септември 2024 (МИА) – Тимови од јужноамерикански криминалци, специјално обучени и организирани, „оперирале“ за време на Олимписките игри во Париз, главно насочени кон туристите, соопштија француските власти во доверлива белешка.

Белешката посветена на активностите на овие банди го нагласува значителниот дел од апсењата на државјани на Јужна Америка кои доаѓаат особено од Чиле, Еквадор, Перу и Колумбија меѓу сите обвинети за криминални дејствија за време на Олимписките игри.

Организирани во групи од три до пет лица, мажи и жени на возраст од 30 до 50 години, специјалисти за џепни кражби, тие конкретно биле насочени кон странски туристи, главно во јавниот превоз или хотели. Овие банди се опишани во белешката како многу мобилни и поврзани со меѓународни криминални организации и специјализирани за кривични дела џепни кражби, кражби, измами и друго. Некои од обвинетите се осомничени дека се поврзани со банди во Чиле поврзани со криминалната организација Lanzas internacionales.

Членовите на овие структури, кои на кражбата гледаат како на „вистинска професија“, меѓу себе ја пренесуваат „културата на практиката на кражба извршена во странство“, а често имаат и шпански дозволи за престој, земјата што ја користат како порта и како база.

Меѓу другото, тие украле камера во вредност од 15.000 евра која емитувала слики од натпревари во нуркање во Олимпискиот воден центар во Сен Дени, северно од Париз. Истрагата за овој тим доведе до апсење на тројца мажи и една жена, сите од колумбиска националност, на почетокот на август.

Истражителите откриле лаптопи, накит, луксузни часовници, готовина, како и волонтерска облека со натпис „Париз 2024“ што ја користеле криминалците, како и акредитација украдена од американски спортист.

Во средината на август беа осудени на две години затвор, како и забрана за влез во Франција во рок од десет години по истекот на казната.

На другите членови на јужноамериканските банди, според белешката, им биле обезбедени дури и лажни акредитации за пристап до олимписките борилишта и олимпиското село, како и лажни лични карти и прес-картички. ег ФОТО:Икс

Остани поврзан