• четврток, 08 јануари 2026

Бадник во Делчевско – приказна за традицијата и радоста

Бадник во Делчевско – приказна за традицијата и радоста

Делчево, 6 јануари 2026 (МИА) - Во Пијанечкиот крај, Бадник е ден полн со мириси, вкусови и обичаи што се предавале од генерација на генерација.

Ранка Трајановска, родум од Раловци, за МИА раскажува како се подготвувале домаќинките за празнување на Бадник, ден пред Божик.

- Најпрвин ставаме слама под масата, ја постеламе со чаршав и палиме свеќа, свртена кон исток. На трпезата секогаш има баница, зелник, ‘царевица’, ‘шушелки’ – суви сливи, печенки, тиква, пиперна сол, ‘лутеница’ од компир и грав, посен грав, овошје, јаболка, круши… Сè што ќе донесе Божикот, раскажува Трајановска.

Најстариот член на семејството го крши колачето со паричка, го дели прво на Богородица, па на Господ и потоа на сите членови во семејството. Пред тоа, сите го повикуваат Господ на вечера со зборовите: „Ајде Дедо Боже да вечераме“. 

Кога паричката ќе се падне, среќникот се благословува, а паричката цела година се чува во чаша со црно вино за купување на темјан – симбол на благослов и среќа.

Ранка, која деновите пред Бадник ги минува во центарот на градот продавајќи јаболка, сув пипер, пченка, тиква и други органски производи, вели дека и покрај намалените можности на граѓаните, радоста што ја гледа на нивните лица ѝ дава задоволство.

Во поново време, со доаѓањето на Бадник, улиците на Делчево се полнат со смеа, песни и светлина. Од црквата „Успение на Пресвета Богородица“, низ градот се движи Бадниковата поворка, по улиците кон параклисот „Св. Климент Охридски“ и назад, објавувајќи го раѓањето на Христос како кога ангелите некогаш го објавиле доаѓањето на Спасителот. 

-И годинава предвидено е по завршувањето на поворката за сите учесници да бидат поделени скромни подароци, додаваат од црквата.

Во овие денови, пред Христовото раѓање честитка до граѓаните пристигна и од епископот на Делчевско-каменичката епархија г.Марко.

-Возљубени во Богомладенецот Христос, браќа и сестри! Христос се роди! Да ги отвориме срцата наши за безграничната љубов Божја, да ги прославиме празниците достојно, со молитва и литургија. На Бадник и на Божик ќе имаме можност за заедничко празнување, песни и трпеза на љубовта во храмовите. Христос се роди! Среќно и бериќетно новото 2026 лето Господово.“, порачува епископот на Делчевско-каменичката епархија.

Бадник и Божик во Делчевско е повеќе од празник – тоа е приказна за верата, традицијата и заедништвото, која се живее во секој детал: од сламата под масата до последната нота на божикната песна. вс/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан