Бабиш потпиша коалициски договор со партнерите во идната чешка Влада
- Чешкиот милијардер Андреј Бабиш, лидер на чешката конзервативна партија АНО, денеска потпиша коалициски договор со скептиците за климатските промени „Мотористи“, како и со крајно десничарската партија СПД, која се противи на ЕУ и НАТО.
Прага, 3 ноември 2025 (МИА) - Чешкиот милијардер Андреј Бабиш, лидер на чешката конзервативна партија АНО, денеска потпиша коалициски договор со скептиците за климатските промени „Мотористи“, како и со крајно десничарската партија СПД, која се противи на ЕУ и НАТО.
По четири недели преговори, договорот потпишан од лидерите на партиите ги дефинира главните цели на владата, бројот на министерства и распределбата на портфолијата меѓу партиите.
Следниот чекор ќе биде презентирање на предлог за персоналниот состав на новата влада, објавува Радио Прага.
По потпишувањето на коалицискиот договор, Бабиш изјави дека се надева дека владата во заминување повторно ќе го поднесе предлогот за државниот буџет до парламентот во среда. Изборот на претседател на парламентот ќе се одржи в среда, а веројатен кандидат за претседател е лидерот на СПД, Томио Окамура, кој беше заеднички предложен од парламентарните групи на СПД, АНО и Мотористи.
Се очекува тој да биде поддржан од 108 пратеници, додека опозициските партии објавија дека нема да го поддржат Окамура.
По изборот на новиот претседател на парламентот, се очекува актуелната влада да поднесе оставка. Според изјавите на некои министри, оставката би можела да биде поднесена уште в четврток. мс/
фото: ЕПА архива