• понеделник, 25 ноември 2024

Ајхорст: Политичарите во БиХ мора да престанат да се расправаат ако сакаат да влезат во ЕУ

Ајхорст: Политичарите во БиХ мора да престанат да се расправаат ако сакаат да влезат во ЕУ

Сараево, 12 јули 2023 (МИА) – Директорката за Европа во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Анџелина Ајхорст денеска упати апел политичарите во Босна и Херцеговина да ја смират актуелната криза и да го продолжат дијалогот доколку сакаат нивната земја да напредува на европскиот пат.

Таа по средбата со партиските лидери од владејачката коалиција имаше средба и со претседателката на Советот на министри Борјана Кришто.

Ајхорст по средбата со Кришто посочи дека владејачката коалиција генерално дејствува на конструктивен начин.

- Бараме од нив да продолжат да работат во конструктивен дух и јас јасно кажав дека е неприфатлив секој едностран обид за поткопување на постигнатото, како што се неприфатливи сите неуставни потези, наведе Ајхорст, додавајќи оти таква порака особено испратила до властите во Република Српска.

Таа потсети дека ЕУ има јасна листа на услови и закони кои треба да ги донесе Парламентот на БиХ за да го продолжи европскиот пат, а тоа сега мора да се забрза по долгогодишни блокади.

- Јасно се дефинирани 14-те клучни приоритети, тоа е потфат од големи размери, но е апсолутно остварлив, наведе Ајхорст.

Кришто посочи дека Ајхорст дала силна поддршка на европскиот пат, истакнувајќи дека Советот на министри на БиХ работи добро и носи одлуки врз основа на компромис, консензус и меѓусебно почитување, за што, како што истакна, бара многу труд и енергија.

Таа одби да ја коментира политичката криза во земјава, наведувајќи дека „не сака да се занимава со наметнати теми“, бидејќи, како што тврди, тоа само и штети на БиХ, а најважно за земјата е да направи одлуки кои се важни за приближување до членството во ЕУ. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан