• петок, 22 ноември 2024

Африканската Унија повика на прекин на огнот во Судан

Африканската Унија повика на прекин на огнот во Судан

Адис Абеба, 15 април 2023 (МИА) – Претседателот на Комисијата на Африканска Унија, Муса Факи Махамат апелираше за итен прекин на огнот во Судан.

Тој ги повика „РСФ и армијата веднаш да престанат со уништување на земјата, тероризирање на населението и крвопролевање за време на Рамазан“.

Махамат исто така упати апел до меѓународната заедница да ги присили двете страни на преговори.

Саудиската државна новинска агенција (СПА) јави дека министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и САД телефонски  разговарале за ситуацијата во Судан.

- Министрите повикаа на крај на воената ескалација и враќање на рамковниот договор меѓу цивилните политички сили и војската во Судан, објави СПА.

И шефот на британската дипломатија Џејмс Клеверли го повика суданското раководство да го деескалира конфликтот меѓу армијата и паравоените сили.

- Лидерите мора да ги зауздат своите трупи. Воената акција нема да ја реши оваа ситуација, напиша Клеверли на Твитер.

Претходно, на прекин на огнот повикаа ОН, ЕУ, САД и Русија.

Во меѓувреме, централноафриканската држава Чад ја затвори источната граница со Судан, долга 1.403 километри.

- Чад апелира до регионалната и меѓународната заедница, како и до сите пријателски земји приоритет да им е враќањето на мирот, се наведува во соопштението од Владата на Чад.

Авионскиот сообраќај во Судан е во прекин откако беше пукано врз авион на Саудиска Арабија, кој полетувал за Ријад.

И додека судирот се проширува, двајцата спротивставени генерали меѓусебно се обвинуваат за кој прв го почнал конфликтот.

Во судирите досега загинаа тројца цивили, а десетици се повредени.

Претходно, суданските паравоени Сили за брза поддршка (РСФ) соопштија дека презеле контрола врз претседателската палата, резиденцијата на генералот Абдел Фатах ал Бурхан, како и врз меѓународниот аеродром во Картум и врз аеродромите во Мерове и во Ел Обејд. Но, суданската армија негира и соопшти дека презема мерки против РСФ.

Судирите помеѓу РСФ и суданската армија, покрај Картум и Мерове се проширија и во главниот град на сојузната држава Северен Дарфур, Ел Фашер. Очевидци тврдат дека судири има и во околните градови.

Судирите избија поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт во Судан. Од воениот удар во 2021 година со Судан раководи Суверен совет составен од армиски генерали.

РСФ е под команда на потпретседателот на Советот, генерал Мохамед Хамдан Дагал, а армијата ја предводи генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој е претседател на Суверениот совет. Според предложената транзиција кон цивилна влада, РСФ ќе биде интегрирана во суданската армија. РСФ бараше транзицијата да биде одложена за 10 години, но според армијата повторното воведување на цивилна власт треба да се случи за две години.

РСФ се составени од припадници на полицијата Џанџавид, обвинети за злосторства за време на долгата и смртоносна војна што започна во 2003 година во Дарфур, западен Судан, исто така е обвинета дека била вклучена во задушувањето на бунтот против диктаторот Омар ал Башир кон крајот на 2018 година, што кулминираше со неговото соборување од власт во април 2019 година. ми/

Тагови

Остани поврзан