Атлетичарот Роберто Димитриевски за велешките средношколци одржа едукативно предавање за спортот
- На иницијатива на Европската куќа на млади во Велес попладнево во нивната просторија едукативно предавање за спортот и младите, со акцент за атлетиката за дисциплината трчање, одржа Роберто Димитриевски од Атлетскиот клуб „ВЕЛЕС“ во моментов најдобриот велешки и еден од најдобрите македонски атлетичари во трките на 5 и 10 километри, а кој воедно трча на многу домашни и меѓународни трки на 5 и 10, 15 како и на полумаратон на 21 километар.
Велес, 29 октомври 2025 (МИА) – На иницијатива на Европската куќа на млади во Велес попладнево во нивната просторија едукативно предавање за спортот и младите, со акцент за атлетиката за дисциплината трчање, одржа Роберто Димитриевски од Атлетскиот клуб „ВЕЛЕС“ во моментов најдобриот велешки и еден од најдобрите македонски атлетичари во трките на 5 и 10 километри, а кој воедно трча на многу домашни и меѓународни трки на 5 и 10, 15 како и на полумаратон на 21 километар.
Тој во информацијата за МИА, потенцира дека целта на едукативното предавање беше преку популаризирање на спортот, посебно атлетиката меѓу младите, да ги оттргне од секојдневните зависности од телефоните, компјутерите, кладилниците, пушењето и другите пороци на современото општество и нездравата брза храна без физичка активност. Воедно со заеднички разговор да ги насочи на здрав живот со спортски активности.

Им упати порака на младите, никогаш и во спортот и во животот и кога им е најтешко и мислат дека губат да не се откажуваат, туку исцрпно да се борат и да извојуваат победа и секогаш да одат напред.
- Јас од дете бев фудбалер и бев голман во ФК „Гемиџии“ уште како ученик, а потоа и во ФК„Борец“. Но еден ден кога едно ново раководство на тимот неправедно одлучи да играм во резерва, а јас кој бев во одлична форма и сакав да играм и победувам со соиграчите, не можев само како резерва да седам и чекам на клупа. Затоа решив да влезам во индивидуален спорт каде јас одлучувам дали и кога ќе настапам. Така пред 12 години навлегов во трчањето.Од почеток со големи напори и тешкотии, но напорно тренирав и не се откажував.. Најголеми успеси и победи имам постигнато во последниве четири години. Напорно е, но треба да се биде упорен да се има цел, храброст, стратегија и да се извојува победа и кога мислиш дека губиш да се дојде прв на целта, потенцира Димитриевски.
Тој вели моето мото е „Никогаш не се откажувај и верувај во себе и така ќе дојдеш до целта“.
Роберто Димитриевски е учесник и победник на многу атлетски трки и полумаратони во земјава, а бил меѓу првите на Белградскиот полумаратон на трката на 10 километри,на Скопскиот полумаратон на трката на 5 километри, неколку години е меѓу првите, а годинава беше трет. Прв е на трката за празникот „23 Октомври“ во Гази Баба, прв на Трката за Рацин во Велес. Воедно беше прв на „Трката на хероите“ во Грција и на многу други атлетски трки меѓу кои и на Армиското првенство во Хиподром во Скопје. Посебно се гордее што беше прв на хуманитарната трка на 10 километри „Сите за Кочани-Трчаме заедно“ што на 25 мај годинава се одржа на Средно Водно, а која беше со цел за поддршка и побрзо опоравување настраданите млади во дискотеата во Кочани. На Државното првенство во атлетика кое се одржа изминатиот викенд го освои второто место на трката на 10 километри, со што се стекна со условот да влезе во македонската атлетска репрезентација со можност за учество на Балканијадата и други меѓународни натпревари. ад/лв/
фото: МИА