• недела, 22 декември 2024

Атлетико бара наследник на Симеоне

Атлетико бара наследник на Симеоне

Мадрид, 18 ноември 2024 (МИА) - Шпанскиот гигант Атлетико Мадрид има сериозна загриженост дека Диего Симеоне ќе си замине на крајот на сезоната, поради што со месеци е во потрага по потенцијален нов тренер, тврди новинарот Алфред Матијас од „Релево“.

Чоло е најплатениот менаџер во фудбалот, за кој се смета дека зема 30 милиони евра секоја сезона. За споредба, втор во рангирањето е Пеп Гвардиола (Манчестер Сити) со околу пет милиони помалку. Аргентинецот е 13 години на кормилото на „рохибланкос“ и има договор до летото 2027 година.

Од пред 10 месеци, пак, во Атлетико работи нов директор за фудбалски работи во ликот на Карлос Букеро, а според „Релево“, поради него улогата на Симеоне почнала постепено да слабее. Управата забележала и знаци на презаситеност кај Чоло, поради што бараат тренер за секој случај.

Атлетико сезонава беше во резултатска криза, но потоа работите се стабилизираа и тимот сега има четири победи во низа со само еден примен гол во нив. Според „Релево“, менаџерот на Астон Вила, Унаи Емери е првиот избор на извршниот директор на Атлетико - Хил Марин. дс

Фото: Архива

Остани поврзан