Асфалтирање и реконструкција на патишта во општина Старо Нагоричане
- Инфраструктурната поврзаност, оценуваат локалните власти, е клучна не само за квалитетот на живот, туку и за спречување на понатамошното иселување од руралните средини.
Куманово, 4 февруари 2026 (МИА) - Општина Старо Нагоричане годинава влегува во засилена фаза на инфраструктурни зафати насочени кон подобрување на локалната патна мрежа и поврзување на руралните населени места, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот, Мирослав Славковски. Дел од проектите се веќе реализирани, дел се во тек, а за останатите е обезбедена финансиска конструкција и следува распишување на тендерски постапки.
Градоначалникот вели дека приоритет останува подобрување на пристапот до селата, особено во делови каде со години немало сериозни градежни интервенции.
Со средства од првиот повик од унгарскиот кредит преку Владата, општината реализираше два проекти. Завршена е реконструкцијата на локален пат во село Младо Нагоричане, во должина од 564 метри, кој е целосно асфалтиран на крајот од минатата година. Вториот проект се однесува на реконструкција на патниот правец до манастирот Забел во Старо Нагоричане, во должина од 775 метри. За овој проект е избран изведувач, а градежните работи ќе започнат со подобрување на временските услови, изјави Славковски.

Нови три патни правци во вториот инвестициски циклус. Од вториот повик од унгарскиот кредит, на општината ѝ се одобрени три нови инфраструктурни проекти
- Реконструкција на пат до село Добрача во должина од 2.173 метри, патен правец кај Драгомански мост во Старо Нагоричане – 530 метри, улица во централното подрачје на Старо Нагоричане, на локација позната како „дол“ 280 метри. За овие три делници во текот на годината ќе биде распишана јавна набавка за избор на изведувачи, по што ќе започне реализацијата, изјави Славковски.
Три дополнителни патишта се реализираат со поддршка од Светска банка, аплицирани преку Министерство за транспорт и општината е краен корисник.
Во завршна фаза се локален пат во село Младо Нагоричане – 572 метри, патен правец од поранешна ветеринарна станица до основното училиште „Христијан Карпош“ – 627 метри, Реконструкција на локален пат до село Становец (втора фаза) – 657 метри.

Два од овие патишта се подготвени за асфалтирање, додека кај делницата кон училиштето има привремен застој поради потреба од дислокација на телекомуникациски кабел.
- Станува збор за технички проблем што го решаваме во координација со изведувачот и институциите. Очекуваме наскоро да продолжат работите и тој патен правец да биде завршен, вели Славковски.
Градоначалникот посочува дека општината се соочува со сериозни предизвици поради големата територија и бројните населени места со децениски запоставена инфраструктура.
- Имаме патишта што 15 до 20 години не се ни прочистени со механизација. Потребна ни е поддршка, финансиска или техничка, за барем основно уредување и проодност. Целта ни е луѓето да можат безбедно да стигнат до своите домови, особено оние што живеат таму постојано или се враќаат викендите, нагласува Славковски.
Општина Старо Нагоричане има 39 населени места. ам/вј/
Фото: Општина Старо Нагоричане