Асфалтиран главниот пат низ Здуње
- На свеченост, на која присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани, беше кажано дека на инфраструктурниот зафат се чекало подолго време и дека со него значително ќе се подобри поврзаноста со околните населби и градот.
Гостивар, 23 мај 2025 (МИА) – По три недели интензивни градежни активности, денеска беше пуштен во употреба реконструираниот пат низ гостиварското село Здуње.
На свеченост, на која присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани, беше кажано дека на инфраструктурниот зафат се чекало подолго време и дека со него значително ќе се подобри поврзаноста со околните населби и градот.
- Реконструкцијата на оваа сообраќајница во голема мера ќе го подобри движењето на возила и граѓаните не само од Здуње, туку и од соседните населени места, рече Лимани.
Тој напомена дека проектот со вредност од 10 милиони денари опфатил асфалтирање и поправка на коловозот во должина од речиси 1,3 километри.
Покрај оваа сообраќајница, во Гостивар деновиве интензивно се работи и на асфалтирање на улицата „Никола Тесла“ крак што води од гимназијата кон внатрешноста на населбата Дутлок. Во тек се работи и на булеварот „Браќа Ѓиноски“, а од денеска и на „Беличица“. Наскоро треба да биде асфалтирана и пешачката зона околу старото кино и да почнат работите на два локални патишта. згм/бак/