• петок, 22 ноември 2024

Архитектонска изложба „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“ во МСУ

Архитектонска изложба „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“ во МСУ

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност - Скопје денеска во 19 часот ќе биде отворена архитектонската изложба „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“.

Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година оваа изложба има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за неговата обнова. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер - Константинос А. Доксијадис.

Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим кој го сочинуваат: Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос.

Како што се наведува за изложбата, Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата..., сето тоа значајно и подеднакво придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.

-Станувајќи стратешка алатка за трансформација на градот во космополитска метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи во Скопје кон крајот на 60-тите и 70-тите години,
претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи. Иако во последната деценија е предмет на превреднување, овој, по многу нешта единствен период од турбулентната историја на Скопје сè уште се бори за соодветно признание, подложен на драматични и деструктивни промени, сметаат авторите на изложбата.

Пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина преку обемна изложба, конференција и книга, „Иднината како проект - Доксијадис во Скопје“ пристигнува во Скопје.

-Концептуално збогатена со уметнички дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, подарени од грчки уметници, се надеваме дека не само што ќе помогне да се врати сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, туку и ќе придонесе за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност, стои во соопштението.

Проектот е реализиран од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата – Континео 2020, Скопје и е дел од годишната програма на Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Поставката ќе биде отворена за јавноста до 20 јануари, 2024 година. вг/

 

 

Остани поврзан