• недела, 22 декември 2024

Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Белград, 14 октомври 2024 (МИА) - Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан заедно со српскиот патријарх Порфириј се во посета на Нишката епархија, каде денеска на празникот Покров на Пресвета Богородица ќе отслужат света литургија во Богородичниот манастир во Ѓунис, јави дописникот на МИА од Белград.

Свечен пречек на патријархот Порфириј и архиепископот Стефан во Ниш беше организиран вчера во Соборниот храм „Слегувањето на Светиот Дух на апостолите“, а по тој повод во соборниот храм во Ниш се служеше свечен чин на доксологија.

Митрополитот Нишки г. Арсеније ја изрази својата голема радост затоа што првпат архиепископот Охридски и Македонски официјално ги посетува Ниш и Нишката епархија, донесувајќи го благословот на светите Климент и Наум Охридски, Гаврил Лесновски и Јоаким Осоговски, а воедно и братски љубовта на македонскиот народ.

-Силно ја чувствуваме љубовта на Вашиот народ, но и со сето срце возвраќаме, рече митрополитот Арсеније, се наведува на порталот на СПЦ.

Архиепископот Стефан потоа одржа беседа исполнета со благодарност за топлиот и братски пречек во Нишкиот соборен храм.

-Колку е убаво и прекрасно кога сите браќа живеат заедно! Денеска не ми паѓа друга мисла освен оваа. Ви благодариме за љубовта и гостопримството што секогаш ни ги покажувате. Овде се чувствувам како дома, бидејќи служев војска во Ниш, кога го посетував овој храм, кој денес е поубав и повеличенствен од тогаш, во 1983 година, рече архиепископот Стефан, благословувајќи ги многубројните граѓани на Ниш кои дојдоа во Соборниот храм да ги поздрават драгите гости, се наведува во соопштенеито на СПЦ.

На вчерашниот свечен чин на доксологија, чиноначалствуваше архимандрит Серафим, игумен на Суковскиот манастир, а присуствуваа и Високопреосветените митрополити дебарско-кичевскиот Петар, преспанско-пелагонски Тимотеј, како и пакрачкиот и славонски епископ Јован, никшиќкиот Методиј и хераклејскиот Климент. об/мд/

Фото: СПЦ 

Остани поврзан