Арсенал остана и без Томијасу, дефанзивецот опериран
- Премиерлигашот Арсенал остана без услугите на уште еден фудбалер, откако јапонскиот дефанзивец Такехиро Томијасу објави дека е опериран на десното колено.

Лондон, 19 февруари 2025 (МИА) – Премиерлигашот Арсенал остана без услугите на уште еден фудбалер, откако јапонскиот дефанзивец Такехиро Томијасу објави дека е опериран на десното колено.
Томијасу не прецизираше кога очекува повторно да се врати во игра, иако британските медиуми објавија дека дефанзивецот најверојатно ќе биде надвор од теренот до крајот на сезоната.
„Пред неколку денови имав операција на коленото и веќе почнав со рехабилитација за да се вратам на она што најмногу го сакам. Ова секако беше најтешкиот период во мојата кариера и ќе продолжи уште некое време, но нема да се откажам“, напиша 26-годишниот Томијасу на Инстаграм.
Јапонецот е третиот играч на Арсенал кој беше опериран во последниот месец по Каи Хаверц и Габриел Жесус. ег
ФОТО: Фејсбук