Аријан Ибраим и официјално го почна четвртиот мандат на градоначалник
- Претседателот на Општинската изборна комисија, Неџип Илјаз, денеска попладне му го врачи уверението на Аријан Ибраим, со што и официјално тој го почна четвртиот последователен мандат на градоначалник на Општина Центар Жупа.
Дебар, 16 јануари 2026 (МИА) - Претседателот на Општинската изборна комисија, Неџип Илјаз, денеска попладне му го врачи уверението на Аријан Ибраим, со што и официјално тој го почна четвртиот последователен мандат на градоначалник на Општина Центар Жупа.
- На градоначалникот кој е избран со волјата на народот на нашата општина, му посакувам многу успех во интерес на општината и жителите. Благодарност до сите членови на ОИК, на избирачките одбори и институциите кои придонесоа за демократски изборен процес, рече Илјаз.
Беше избран на повторените избори одржани на 11 јануари, кога правото на глас го остварија 1003 од вкупно запишаните 7652. Од нив 973 гласаа за Аријан Ибраим, додека 30 беа неважечки ливчиња.
Ибраим(54) беше предложен од Демократската партија на Турците а поддржан од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.
-Голема благодарност до сите жители што изборните процеси минуваат во демократска атмосфера. Како и до сега продолжуваме со транспарентна работа, максимална ангажираност и реализација на проекти во интерес на сите, кусо изјави Ибраим.
Првпат за градоначалник беше избран на локалните изборите во 2013 година, и на следните три изборни циклуси.
Поради необезбедени цензус од 33,33 отсто од вкупното гласачко тело изборите во двата последни циклуси беа повторени. Со одлука на Владата тој беше назначен за повереник со надлежности на градоначалник. вт/лв/
Фото: Општина Центар Жупа