• сабота, 21 декември 2024

Аракчи: Иран не бара ескалација, но има право на легитимна одбрана

Аракчи: Иран не бара ескалација, но има право на легитимна одбрана

Исламабад, 5 ноември 2024 (МИА) - Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска, говорејќи за можниот одговор на израелските напади во Иран, извршени на 26 октомври, изјави дека неговата земја не бара ескалација, но има право на легитимна одбрана.

-За разлика од Израел, Исламската Република Иран не бара ескалација, но го задржуваме неотуѓивото право на легитимна одбрана, рече Аракчи во Исламабад, Пакистан на заедничката прес-конференција со неговиот пакистански колега, Исхак Дар.

„Ќе одговориме, тоа е сигурно, на израелската агресија навремено и адекватно, многу одмерено, но добро пресметано“, рече тој.

Пакистанскиот министер рече дека ја осудува неограничената воена агресија на Израел на Блискиот Исток и, како што ги нарече, нејзините „геноцидни дејства врз цивилите“.

Во неделата, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан објави дека евентуалниот прекин на огнот меѓу сојузниците на Техеран и Израел може да влијае на одговорот на неговата земја на најновите израелски напади.

На 26 октомври, израелските воздухопловни сили гаѓаа воени локации во Иран како одмазда за иранското истрелување проектили врз Израел на 1 октомври.

Израел го предупреди Иран дека е против каков било одговор на неговиот напад, додека Техеран вети, преку својот врховен лидер Али Хамнеи, дека одговорот ќе биде остар. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан