Арагчи: САД немаат право да ја диктираат иранската надворешна политика
- „Американската влада нема моќ и не е нејзина работа да ја диктира надворешната политика на Иран“, напиша Абас Арагчи на мрежата Х и ги повика САД „да престанат да го убиваат јеменскиот народ“.

Техеран, 16 март 2025 (МИА) - САД „немаат право да ја диктираат“ надворешната политика на Иран, изјави денеска шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи, по пораката на американскиот претседател Доналд Трамп, во која му наредува на Иран веднаш да ја прекине поддршката за Хутите во Јемен, пренесоа француските медиуми.
„Американската влада нема моќ и не е нејзина работа да ја диктира надворешната политика на Иран“, напиша Абас Арагчи на мрежата Х и ги повика САД „да престанат да го убиваат јеменскиот народ“.
САД започнаа напади врз бунтовниците Хути во Јемен, кои контролираат големи делови од територијата на земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Хутите, поддржани финансиски и воено од Иран, се дел од „Оската на отпорот“ - неофицијален сојуз на регионални вооружени групи кои се спротивставуваат на Израел, заедно со палестинското исламистичко движење Хамас во Газа и Хезболах во Либан.
„Над 60.000 Палестинци беа убиени и светот ја смета Америка целосно одговорна“, додаде Арагчи во X, мислејќи на непоколебливата американска помош за Израел во неговата војна против Хамас во Појасот Газа.
Некои пасуси во постот на иранскиот министер за надворешни работи беа напишани со големи букви, стил кој често го користи Доналд Трамп, забележаат француските медиуми.
Американскиот претседател вчера го предупреди Иран да не ги поддржува Хутите.
„Америка ќе ве смета за целосно одговорни“, напиша американскиот претседател на својата социјална мрежа „Truth Social“.
Тој го издаде предупредувањето откако рече дека е отворен за дијалог со Иран за да се преговара за договор за оцртување на рамката за нуклеарните активности на Техеран. Истовремено, меѓутоа, претседателот Трамп ги зголеми санкциите против Иран и се закани со воена акција како дел од политиката за „максимален притисок“.сд/
фото:Х