• сабота, 21 декември 2024

Арагчи до Гутерш: Иран ќе одговори на секој израелски напад

Арагчи до Гутерш: Иран ќе одговори на секој израелски напад

Техеран, 16 октомври 2024 (МИА) – Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, телефонски разговараше со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во услови на високи тензии во регионот, при што иранскиот министер предупреди дека Иран ќе одговори одлучно на секој израелски напад, пренесуваат француските медиуми.

„Иран прави значителни напори за заштита на мирот и безбедноста во регионот, но е целосно подготвен да одговори одлучно на какви било испади на Израел и да го натера да зажали“, се наведува во соопштението на иранското Министерство за надворешни работи, објавено денеска.

На 1 октомври Иран истрела околу 200 проектили кон Израел, вклучително и неколку хиперсонични. Иран тогаш соопшти дека нападите биле одмазда за убиствата на лидерите на либански Хезболах, Хасан Насрала, и на палестински Хамас, Исмаил Ханија, за кои Израел беше обвинет.

Од своја страна, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го предупреди Иран дека одговорот на Израел ќе биде „смртоносен, прецизен и изненадувачки“.

Во последните денови иранскиот министер за надворешни работи одржа голем број консултации во регионот во обид да ја смири ситуацијата. Арагчи во неколку дена ги посети  Либан, Сирија, Саудиска Арабија, Катар, Ирак и Оман.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека Арагчи денеска ќе го посети Јордан, а потоа ќе отпатува за Египет и Турција.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан