Апел до граѓаните на Охрид да ги дислоцираат паркираните возила од сообраќајниците
- Заради прогнозите на синоптичарите за снежни врнежи во следните денови во охридскиот регион, општинското јавно претпријатие „Охридски комуналец“ упати апел до жителите на градот и на приградските населби да ги дислоцираат моторните возила од коловозните површини.

Охрид, 10 јануари 2025 (МИА) – Заради прогнозите на синоптичарите за снежни врнежи во следните денови во охридскиот регион, општинското јавно претпријатие „Охридски комуналец“ упати апел до жителите на градот и на приградските населби да ги дислоцираат моторните возила од коловозните површини.
Апелот е пред се упатен до жителите на централното градско подрачје, Стариот дел на градот, тесните сервисни улички и сите улици што согласно категоризацијата се од највисок приоритет на интервенција, каде и движењето во зимски услови е отежнато.
„Само со координирана акција и активно учество на сите чинители, снегот навремено ќе биде расчистен и ќе се овозможи нормално движење на возилата и пешаците, а со тоа и непречено функционирање на градот“, се посочува во апелот.
Притоа се нагласува дека на тој начин ќе се овозможи непречено дејствување на ангажираната механизација и ќе се елиминира можноста за оштетување на паркираните возила при чистење на снегот. аб/нд/
фото/МИА архива