Анчелоти: Уморен сум од шпекулациите за Винисиус
- Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, е изморен од одговарање на прашања за шпекулациите кои го поврзуваат напаѓачот Винисиус Жуниор со преселба во Саудиска Арабија и рече дека сака да се фокусира на тоа колку добро игра играчот во тимот на Реал.
![Анчелоти: Уморен сум од шпекулациите за Винисиус](https://mia.mk/images/20250214175743_big_730x400_91.webp )
Мадрид, 14 февруари 2025 (МИА) - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, е изморен од одговарање на прашања за шпекулациите кои го поврзуваат напаѓачот Винисиус Жуниор со преселба во Саудиска Арабија и рече дека сака да се фокусира на тоа колку добро игра играчот во тимот на Реал.
Винисиус е блиску до потпишување нов договор со Реал Мадрид, изјавија извори за Ројтерс во четвртокот, но евентуалниот трансфер во Саудиска Арабија се уште е на дневен ред и повторно беше главен фокус на прес-конференцијата во пресрет на саботниот натпревар од Ла Лига против Осасуна.
- Толку многу прашања. Дали сум уморен од оваа тема? Да. Дали сум загрижен? Не. Дали го гледам среќен? Да. Среќни сме со него, нема што да додадам повеќе од она што го додадов пред една или две недели. Овде не зборуваме за оваа тема, ниту тој зборува за тоа. Го гледам како истиот стар Винисиус, со многу желба да ги направи работите како што треба. На последниот натпревар се снајде многу добро, им рече Анчелоти на новинарите.
Тој последен натпревар беше победата од 3-2 на гостински терен над Манчестер Сити во вторникот во првиот натпревар од плеј-офот за Лигата на шампионите, каде Винисиус беше прогласен за играч на натпреварот.
-Го гледам многу мотивиран, особено поради она што го направи на натпреварот против Сити, каде имаше голем притисок и одлично го издржа тој притисок, правејќи ја разликата во натпреварот. Без разлика дали добил понуда или не, можам да ви кажам што гледам овде - среќен играч кој сака да ги прави работите добро и да пишува историја со овој клуб, истакна Анчелоти.
Реал е на врвот на табелата, но Атлетико Мадрид заостанува еден бод, додека Барселона е трета со два помалку од лидерот, а по двата меча во лигата без победа, Анчелоти сака да го види својот тим како ја продолжува формата против Сити.
-Ние сме добро мотивирани и ова е можност да го задржиме водството, што е наша цел. Очигледно ќе биде тежок натпревар, но добро се снајдовме во последниот натпревар и мислам дека треба да го потврдиме тоа. Ова е натпревар во кој треба да ги повториме сите добри работи што ги направивме на натпреварот против Сити, прокоментира Анчелоти. дс
Фото: Архива