• недела, 22 декември 2024

Анчелоти: „Ел Класико“ не е дуел за кој треба премногу да разговарате со играчите

Анчелоти: „Ел Класико“ не е дуел за кој треба премногу да разговарате со играчите

Мадрид, 25 октомври 2024 (МИА) - Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во типичен стил, изјави дека нема ништо што го држи буден пред утрешното прво „Ел Класико“ во сезоната. 

Италијанецот потенцираше дека набојот на ваквите натпревари е доволен поттик за играчите и нема потреба од премногу инструкции или тактички мудрувања.

-Во моментов нема што да ме држи буден. Нашиот тим работи добро, мотивирани сме. „Ел Класико“ е натпревар на највисоко ниво, тоа е прослава на фудбалот и сакаме да се снајдеме добро пред нашите навивачи. На вакви натпревари не треба многу да се зборува. Вистината е дека инструкциите треба да бидат многу јасни, а стратегијата едноставна, ништо повеќе. Тоа не е дуел за кој треба премногу да разговарате со играчите. Кога бев фудбалер и бев многу загрижен, Ван Бастен само ми рече: „опушти се, стратегијата е многу едноставна, дај ми ја топката“. И тоа многу пати функционираше, кажа на шега Анчелоти. 

Порача дека критиките не го плашат и многу добро разбира како функционираат работите. 

-Сакам да ги објаснам моите идеи и потоа да им ги соопштам на играчите, но имам нешто конкретно на ум. Честопати сакам да знам што мислат играчите за пристапот кон даден натпревар. Мислам дека нема јасен фаворит во овој меч, многу е тешко да се посочи таков. Се зависи од динамиката на натпреварот, одредени ситуации и како тие се развиваат, истакна тренерот на „кралевите“. дс

Фото: Архива

Остани поврзан